Кондарко посочи дека Александра Николовска и Мартин Стојавски ќе бидат пратеници од изборната единица 1, а Мито Андонов од изборната единица 4. ДИК ќе им издаде уверение, а Собранието потоа ќе ги верификува нивните мандати
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги утврди новите кандидати за пратеници што ќе ги заменат Бети Стаменковска-Трајковска, Јане Мицевски, Дејан Продановски, кои се избрани за градоначалници на локалните избори.
На местото на пратениците што се избрани за градоначалници ќе дојдат Александра Николовска, Мартин Стојановски и Мито Андонов.

Борис Кондарко, претседателот на ДИК, образложи дека редоследно, според листата на коалицијата „Твоја Македонија“, овие тројца кандидати ќе ги заменат досегашните пратеници.
Мартин Стојановски доаѓа на местото на Игор Николовски, кој претходно ја известил ДИК дека не го прифаќа мандатот.
За новите тројца пратеници, ДИК веднаш ќе го информира Собранието на РСМ.
Кондарко посочи дека Александра Николовска и Мартин Стојавски ќе бидат пратеници од изборната единица 1, а Мито Андонов од изборната единица 4.
ДИК ќе им издаде уверение, а Собранието потоа ќе ги верификува нивните мандати.
Претходно, Собранието констатира престанок на мандатите на Јане Мицевски, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Дејан Проданоски од функцијата пратеник.
Тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се избрани за градоначалници на локалните избори што се одржаа на 19 октомври и на 2 ноември – Мицевски на Општина Сопиште, Стаменковска-Трајкоска на Кисела Вода и Проданоски на Прилеп.
