Џонсон и во оваа прилика ги осудил потезите на Русија и Путин и истакнал дека Украина успеала да ги спречи руските сили да го освојат Киев

Британскиот премиер Борис Џонсон за време на денешната посета на Украина и средбата со претседателот Володимир Зеленски, ветил дека Велика Британија ќе обезбеди 120 оклопни возила за оваа земја, како и нови противбродски ракетни системи.
Тоа е дополнителна помош покрај веќе ветената за испорачување на висококвалитетна воена опрема во вредност од 100 милиони фунти, соопшти Даунинг Стрит, пренесе Ројтерс.
Џонсон по состанокот со Зеленски рекол дека Украина покажала „лавовска храброст“, а потоа додал дека Британија дополнително ќе ги засили санкциите кон Русија.
„Привилегија е тоа што можев да допатувам во Украина и лично да се сретнам со Зеленски во Киев. Украина им пркоси на сите шанси и успеа да ги спречи руските сили од портите на Киев, ова е најголемиот подвиг во 21 век“,
рекол Џонсон, а пренесува „Скај Њуз“.

Тој потоа ја искористил прилика уште еднаш да ги осуди потезите на Путин.
„Денеска јасно ставив до знаење дека Велика Британија е на страната на Украина во оваа војна. Ќе ја засилиме сопствената воена и економска поддршка за да можеме да ставиме крај на оваа трагедија и да бидеме сигурни дека Украина ќе опстане и ќе напредува како слободна и суверена нација“,
рекол Џонсон.
Британија, исто така, како што пренесува Ројтерс, ќе гарантира дополнителни 500 милиони долари во кредити за Украина во Светската банка, зголемувајќи ги гаранциите за вкупен заем на милијарда долари, како и да ги либерализира царините на поголемиот дел од производите кои се увезуваат од Украина и да преземе други мерки за либерализација на трговијата.