Првпат еден актуелен претседател на САД слави 80. роденден.
Неговата сопруга Џил на Твитер објави нежна порака со две фотографии од парот како танцува.
Не би сакала да танцувам со никој друг. Среќен роденден, Џо! Те сакам,
напиша првата дама.
Претседателот Џо Бајден го прославува својот роденден во Вашингтон со бранч организиран од првата дама Џил Бајден, соопштија од Белата куќа, додавајќи дека ќе присуствуваат и членовите на семејството, кои веќе се во градот бидејќи присуствувале на свадбата на неговата внука во саботата.
Џо Бајден во кругот на семејството ќе разговара и за евентуална кандидатура на претседателските избори во 2024 г. Тој до скоро редовно повторуваше дека има намера да се кандидира и дека одлуката ќе ја соопшти на почетокот на следната година.
Анкетите покажуваат дека повеќето Американци не сакаат Џо Бајден повторно да се кандидира.
Иако тој не е исклучок во американскиот политички живот, каде што не ретко се среќаваат влијателни луѓе постари од 70, па дури и од 75 години, неодамнешните избори за Конгресот го подмладија членството на Демократската партија.
Инаку, американскиот претседател пред една година имаше систематски преглед, при што лекарите оценија дека е во добра здравствена состојба. Но, неговите години ги издаваат вкочанетото одење и повремената збунетост.