Обвинителот Џелал Бајрами, кој ја води Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето, ги објави пријавите за нерегуларности на вториот круг на изборите и случаите по кои постапува Обвинителството.
Неговата генерална оцена е дека имало мал број пријави.
„Во текот на овој изборен ден до Комисијата и до Обвинителството пристигнаа релативно мал број пријави и извествувања за нерегуларности. По сите пријави се оформени предмети и се дадени насоки за итно постапување
изјави обвинителот Џелал Бајрами.
Меѓу покарактеристичните случаи, Бајрами ги наведе следните:
- Во ОЈО Скопје бил пријавен на поткуп на територијата на општина Шуто Оризари. Јавниот обвинител го испрашал подносителот на пријавата по што дал насоки за обезбедување материјални докази.
- Во ОЈО Кочани две политички партии доставиле повеќе пријави дека различни личности вршат агитирање. За сите пријави се оформени предмети за проверка на наодите.
- Во ОЈО Делчево примена е пријава против едно лице за поткуп при избори и гласање во општина Македонска Каменица.
- Во ОЈО Радовиш е усно пријавено дека во текот на денот, на гласање, се појавило лице што требало да биде во изолација поради контакт со лице заболено од ковид-19.
- Во ОЈО Кичево се примени две пријави. Едната е за лице што го фотографирало гласачкото ливче, а другата за гласач што го искинал гласачкото ливче.
- До Комисијата, по електронска пошта, поднесена е пријава од невладина организација за притисоци и закани кон набљудувачи искажани преку коментари на социјалните мрежи.