Според сегашните регулативи, Џакарта ќе остане главен град на Индонезија додека претседателот не издаде декрет за официјално именување на Нусантара за нов главен град, што се очекува да се случи до крајот на годината
Индонезискиот парламент денеска одлучил да додели специјален статус за главниот град Џакарта, односно градот да остане само економски центар во државата, пренесува Ројтерс.
Индонезија планира Џакарта веќе да не биде главен град на државата, туку тоа да биде градот Нусантара, кој се гради во џунглата на Источен Калимантан, Борнео.
Изградбата на овој град е водечки проект на претседателот во заминување Јоко Видодо, кој ветил дека ќе го прераспредели богатството и развојот низ архипелагот, кои моментално се концентрирани во Јава.
Министерот за внатрешни работи Тито Карнавијан, по дебатата во парламентот рече дека Џакарта по оваа одлука треба уште повеќе да се развива за да се натпреварува со другите „градови од светска класа“, откако седиштето на владата ќе се пресели во Нусантара.
„Откако веќе нема да биде главен град, сè уште треба да биде запечатен со посебен статус за да може да го забрза економскиот раст и да го зголеми придонесот во БДП на земјата“,
рече тој.
Според сегашните регулативи, Џакарта ќе остане главен град на Индонезија додека претседателот не издаде декрет за официјално именување на Нусантара за нов главен град, што се очекува да се случи до крајот на годината.
Според Ројтерс, се очекува тамошната влада на 17 август да одржи официјална прослава на Денот на независноста во Нусантара, а до крајот годината се планира преместување на илјадници државни службеници во институциите.
Индонезиската влада веќе инвестирала околу 2 милијарди долари во изградба на инфраструктура, вклучувајќи брана и патарина. Дванаесет од 47 станбени блокови треба да бидат изградени до јули следната година, еден месец пред владата да ја одржи првата церемонија на Денот на независноста во новиот главен град.
Се очекува новиот град да биде изграден до крајот на 2045 година, а целиот проект да чини околу 32 милијарди долари.
Според индонезиските медиуми, Џакарта е град што брзо тоне, односно речиси половина од градот моментално е под нивото на морето. Новиот главен град ќе биде на околу 2 000 километри од стариот.