Претседателот на Собранието, Талат Џафери, доцна вечерва закажа две седници на законодавниот дом.
Едната, за разрешување на техничката министерка за труд и социјална работа, Рашела Мизрахи, собранискиот спикер ја закажа за утре во 15 часот. Другата, пак, е за распуштање на Собранието и е закажана за во недела (16 февруари) во 12 часот.
Предлогот за разрешување на Мизрахи, вчера го поднесе техничкиот премиер Оливер Спасовски откако министерката неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името Република Македонија и притоа се правдаше дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.
Датумот за седницата за распуштање на законодавиот дом, пак, се соодветстува со известување кое го добил од Државната изборна комисија во врска со тоа до кога најкасно може да работи Собранието.
Одговорот од ДИК, според Џафери, бил дека тоа треба да биде на 55 дена пред изборите, што значи дека парламентот може да се распушти најдоцна на 16 февруари.
„Нивниот одговор е оптималниот рок од 55 дена пред денот на гласање, што значи денот на гласањето треба да биде 56-от ден“,
изјави Џафери пред три дена.