„Примарната задача на оваа влада е подготовката и организирањето слободни и фер демократски избори, во директна отворена и законита процедура и соработка со Собранието на изборите“, рече Џафери по преземањето на функцијата

Третиот технички премиер во државата Талат Џафери денеска го почна својот работен ден на „Илинденска“ број 2. Џафери беше пречекан од досегашниот премиер Димитар Ковачевски со кого имаше средба, а потоа одржаа заедничка прес-конференција.
„Прв ден премиер. И најкратката патека е тешка да се изоди ако немаш визија, план, насока и цел. На сите предизвици и патеки досега сум им пристапувал со добро планирање и јасна цел. Така е и денес, со јасна цел за европска Република Северна Македонија“,
напиша Џафери на својот фејсбук-профил по преземањето на функцијата.
Во својот говор на прес-конференцијата, Џафери порача дека со Ковачевски се согласиле за примарните прашања кои ќе бидат во фокусот на Владата која ќе ја предводи – Уставот и законите ќе бидат основа на која ќе ја базира секоја одлука на Владата и ќе продолжи со успешно спроведување на политиките на владината коалиција.
„Несомнено дека примарната задача на оваа влада е подготовката и организирањето слободни и фер демократски избори во директна отворена и законита процедура и соработка со Собранието на изборите. Затоа Владата ќе ги спроведе сите законски предуслови со Мисијата на ОБСЕ, ОДИХР, со ДИК, ЕУ и САД ќе ги спроведе сите горенаведени оперативни предуслови со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во изборната кампања и самите избори со цел да се одржат избори со целосен легитимитет на изборната волја на граѓаните“,
рече Џафери.
Тој најави одржување и унапредување на стратегиското партнерство со ЕУ, НАТО и САД, како стратегиските цели поддржани од независноста на државата, а особено во актуелниот геостратегиски момент.
„За Владата одржувањето и промовирањето на партнерството на РСМ во рамките на НАТО сојузот и останувањето доследен на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ немаат друга алтернатива. ЕУ интеграцијата и исполнувањето на обврските кои произлегуваат од започнатите преговори и од билатералниот скрининг, како патоказ за реформите во јавната администрација и поглавјето за владеење на правото со акцискиот план и изготвување на патоказите за функционирањето на демократските институции се исто така високо на агендата на Владата“,
додаде Џафери.
Според него, преодната влада ќе работи транспарентно и отечно во интерес и благосостојба на граѓаните.
„Без оглед колку ќе трае оваа влада, ве уверувам дека во ниту еден миг нема да отсуствува редовното функционирање, соработка и инклузивност во работата на Владата обезбедувајќи секој сегмент и секое министерство да бидат транспарентни, отчетни и над сè ефикасни во служба на граѓаните. Ние може да бидеме од различни провениенции во овој владин состав, но има нешто што не се менува, ние сме таму благодарение на вас, вашиот легитимитет и штитење на вашите интереси, создавање на благосостојба на граѓаните“,
рече Џафери.
Досегашниот премиер Димитар Ковачевски рече дека искуството покажало дека обединети можеме да го изодиме вистинскиот пат и да се постигнат сите цели, базирани на вредности и принципи.
„Денес е друго време, денес не е време на поделби, денес е време на заедништво. Проевропската владина коалиција на која се темели и новата влада, покажа и докажа дека има и политичка волја и човечки капацитети да одговори на сите предизвици и одговорности. Организиравме и неколку изборни циклуси оценети и дома и од меѓународната заедница како слободни фер и демократски и знам дека така ќе биде и на претстојните избори“,
рече Ковачевски.
Тој подвлече дека денес е време за меѓусебна поддршка за заедничка работа, како и за државен одговор колку брзо ќе се движиме кон ЕУ.
Заблагодарувајќи се за досегашната поддршка од неговиот кабинет на министри во неговиот мандат од две години и речиси еден месец, му посака среќа и успех на новиот претседател на Владата за успешно справување со предизвиците.