Спикерот вели дека се вакцинирале повеќе од две третини од пратениците и нагласува дека немало ветување дека имунизацијата ќе биде со вакцини на „Фајзер“
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека кај пратениците има голем интерес да се вакцинираат , така што тој очекува работата на парламентот да се нормализира кон средината на мај.
„Две третини од пратениците се вакцинирани до 16 часот. Немам информации уште колку се вакцинирале до 18 часот. Но, интересот за вакцинација кај пратениците е голем“,
потенцира Џафери во гостување на Канал 5.
За тоа дали на пратениците им било ветено дека ќе добијат вакцини од „Фајзер“, а потоа ги вакцинираа со „спутник в“, Џафери рече дека нема такво ветување и дека е важно вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи тој.
Џафери потенцира дека, иако на пратениците им било понудено да се имунизираат порано, тие го препуштиле својот ред на ризичните групи. Во Собранието прво биле вакцинирани собраниските служби оти двајца вработени во службите починале како последица на ковид-19.
„Очекувам работата на парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање“, .
вели Џафери.
Спикерот нагласи дека за време на пандемијата многу европски парламенти се одлучиле да работат онлајн и дека и тој сакал да биде воведено вакво работење во нашето Собрание. Затоа, рече, подготвил предлог-Деловник, но по 3 000 амандмани поднесени од опозицијата, тој го повлекол предлогот.
