Претседателот на Собранието Џафери е еден од основачите на ДУИ и доаѓа од гостиварскиот огранок на партијата. Тој присуствуваше на состанокот на Генералниот совет на ДУИ при изборот на членови на т.н. „огнена група“ во Претседателството на партијата, но не гласаше
Гостиварскиот огранок на Демократската унија за интеграции (ДУИ) не е задоволен со учеството во извршната власт, изјави денеска на средба со новинарите спикерот на Собранието и член на Претседателството на партијата, Талат Џафери. На прашањето, дали во ДУИ има фракции и на која тој и припаѓа, Џафери вели дека не припаѓа на никаква фракција и оти ова што го кажува е во доменот на негово мислење и оти тоа е демократски.
Во сабота во ДУИ функционерите на партијата треба да реферираат за својата работа пред новото раководството. Џафери потенцира дека нема да го стори тоа.
„Јас не реферирам пред партијата, јас реферирам пред граѓаните и има извештаи за мојата работа“,
рече Џафери.
За иницијативата на Левица пред Антикорупциската комисија околу неспоивоста на неговата должност како претседател на Собранието со партиска функција, Џафери посочи дека тој не е носител на политичка функција во ДУИ.
„Друго е да си носител на извршна партиска функција и да одлучуваш, да потпишуваш. Јас сум се оградил од она што ми е членување во органот“,
рече Џафери.
Тој додаде дека уште во првиот мандат се изјаснил дека во мирување го става одлучувањето во органите на партијата, но дека може да даде мислење и не може никој да му го одземе тоа право кога 20 години е член на партијата.
Претседателот на Собранието Џафери е еден од основачите на ДУИ и доаѓа од гостиварскиот огранок на партијата. Тој присуствуваше на состанокот на Генералниот совет на ДУИ при изборот на членови на т.н. „огнена група“ во Претседателството на партијата, но не гласаше. Џафери не се согласи со предлогот на првиот човек на ДУИ Али Ахмети кој го предложи Блерим Беџети за организациски секретар и Изет Меџити, Арбер Адеми, Арбана Пашоли за потпретседатели и побара гостиварскиот огранок да добие потпретседателско место. Но, со неговиот предлог не се согласи сега новиот член на Надзорниот совет на партијата, Муса Џафери по што спикерот во знак на револт и незадоволство прв ја напушти салата каде што се одржуваше состанокот.