„Чинот на гласање не е врзан за последниот ден (од расправата, н.з.), тоа да биде јасно во поглед на постапките. Тоа го предвидува Деловникот, а го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки, не можам да претпоставам што и како ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата“ – изјави денеска претседателот на парламентот
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, навести дека по исцрпување на дебатата, можно е гласањето за уставните измени да биде одложено до моментот кога ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство. По денешниот брифинг со новинарите, собранискиот спикер рече дека станува збор за непредвидлива ситуација, но Деловникот го дозволува тоа, независно што расправата е закажана за 18 август, која, како што потсети Џафери, трае најмногу десет дена.

„Чинот на гласање не е врзан за последниот ден, тоа да биде јасно во поглед на постапките. Тоа го предвидува Деловникот, а го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки, не можам да претпоставам што и како ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата“,
рече Џафери.
Редовната координација закажана за понеделник нема да биде за уставните измени, рече Џафери, и додаде дека ќе се договори со координаторите на пратеничките групи да одржат состанок пред почетокот на седницата за уставните измени, иако формално пратениците ќе бидат на одмор од 1 август.
„Ќе определиме термин кога би се виделе на ниво на коориднатори пред почетокот на седницата на 18 август, значи нема да ја оставиме состојбата ’ад-хок’. Без оглед дали ќе биде низ коориднација или телефонски, во секој случај, ќе се работи на организациски работи за ангажманот и ангажирањето на Собранието во наредниот период“,
рече Џафери.
Процедурата за уставни измени почна изминатите денови, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Иако дебатата пред собраниската Комисија можеше да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако од името на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски го повтори ставот дека нема да поддржат уставни измени. Ниеден друг пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во расправата на комисиската седница.
За комплетирање на првата од вкупно три фази на процедурата за уставни измени, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот да помине на пленарната седница која ќе почне на 18 август, потребна е двотретинска поддршка (најмалку 80 гласа). Ако се случи тоа, процедурата ќе продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани. Тогаш се доволни и 61 глас. Двотретинска поддршка повторно е потребна при третото гласање (фаза) – за предлог-амандманите.