Владејачкото мнозинство и опозицијата се поделени во мислењата дали треба да има или не можност за онлајн-вклучување на пратеници на собраниска седница или на седници на комисиите
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска треба да се сретне со координаторите на пратеничките групи и уште еднаш да разговара за можноста за прифаќање на предлогот за работа на Собранието онлајн во услови кога, како што е во овој момент, извесен број пратеници се во изолација или со ковид-19, поради што оневозможена е работата на законодавниот дом.
Џафери го поднесе предлогот за дополнување на Деловникот за работа на парламентот и од денешната координација ќе зависи кога тој ќе се најде на пленарна седница.
Од Собранието за МИА велат дека од понеделник почнува комисиската расправа за Буџетот и се скратуваат можностите за одржување други седници. Исто така, од денешната комуникација меѓу пратеничките групи би требало да се знае кога ќе се продолжат веќе започнатите седници со заостанати точки на дневен ред.
Владејачкото мнозинство и опозицијата се поделени во мислењата дали треба да има или не можност за онлајн-вклучување на пратеници на собраниска седница или на седници на комисиите. СДСМ и ДУИ се за предлогот, додека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека тоа е противуставно и дека зад нега треба да се затскрие и онака кревкото мнозинство во парламентот.
Координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи смета дека зад можноста за онлајн гласање владејачките партии сакаат да го прикријат и онака кревкото мнозинство во Парламентот.
„И во други случаи порано пратеници изостанувале од работата на Собранието“,
вели Реџепи.
Алијанса на Албанците и Алтернатива и пред поднесување на овој предлог го имаа истиот став во однос на онлајн работата на Собранието.
За да се донесе дополнувањето на Деловникот, потребни се гласови на 61 пратеник, што во моментов мнозинството го нема, имајќи предвид дека шестмина пратеници поради здравствени причини не можат да учествуваат во работата на Собранието. Од опозицијата, пак, укажуваат дека и да ги има владејачкото мнозинство потребните гласови, не би требало „само“ да носи дополнување на Деловникот, посочувајќи дека досега тоа било правено најчесто со консензус.
Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, предвидува меѓу другото став којшто се однесува на првото и должноста на пратеникот да учествува во работата во Парламентот и во неговото одлучувањето без лично присуство на седница со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.
Во член 30 од постојниот Деловник по ставот 1 се додаваат два нови става – 2 и 3, кои се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.
„Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието“.
Во ваков случај, се предлага претседателот на Собранието да ги извести сите пратениците. Исто така Претседателот на Собранието ќе биде должен во евидентниот лист да го запишува пратеникот кој учествува и одлучува на седница од далечина, но и со решението за свикување седница до пратениците да достави известување за пратеникот кој на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Тој ќе мора да пред да ја свика седницата да одржи координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.
„При постоење на случај од членот 30 став (2) од овој деловник претседателот на Собранието пред да ја свика седницата одржува координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи. На координацијата се повикуваат и претседателот на матичното работно тело и претседателот на Законодавно – правната комисија заради утврдување на потребата од одржување на седница на работното тело на која пратеникот ќе учествува и одлучува од далечина. Координацијата се одржува најдоцна еден ден пред денот на свикувањето на седницата на Собранието.“
За присутни пратеници на седницата, се предлага да се сметаат и пратениците кои известиле дека на седницата ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.
„Јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собранието со ‘за’, ‘против’ или ‘воздржан’ за прашањето за кое одлучува Собранието“.
Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина.
Собранието, како што се предвидува, на пратеникот ќе мора да му овозможи употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија за учество и одлучување на седница на Собрание од далечина.
„За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско-комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието“,
се предвидува со предлогот.
За сѐ што не е уредено со одредбите од овој предлогот-деловник се применуваат одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија.