Иако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека расправата влезе во друг ден (сабота), за кога не е закажано продолжение на седницата, спикерот остана на планот што го соопшти во текот на денот – дека седницата ќе трае до исцрпување на дневниот ред
И откако часовникот во собраниската сала покажа дека поминала полноќ, пратениците ја продолжија и без тоа маратонската расправа, која на моменти беше мошне напната, за донесување закон за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ за гасоводот, по пат на спогодба.
Иако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, десетина минути по полноќ, регаираше дека расправата влезе во друг ден (сабота), за кога не е закажано продолжение на седницата, спикерот Талат Џафери остана на планот што го соопшти во текот на денот – дека седницата ќе трае до исцрпување на дневниот ред.
Откако половина час по полноќ Мицевски побара пауза од еден час, Џафери прогласи пауза до 1.30.
Освен предлог-законот за решавањае на спорот меѓу Владата и Макпетрол, на дневниот ред на 20-тата собраниска седница е останат уште предлог-законот за задолжување на С Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка.
Намерата расправата да трае до исцрпување на дневниот ред Џафери ја соопшти откако повеќето пратеници од колаицијата на ВМРО-ДПМНЕ се јавија за дискусија по точката за гасоводот. Опозиционерите, главно, се единствени говорници во текот на денешниот ден, со инцидентни реплики на пратеници од мнозинството.
Пратениците од опозицијата изнесоа оценки дека законодавниот дом не е место за решавање на спорови и апелираа до шефот на државата да стави вето ако се донесе законското решение кое предвидува да му се признае на „Макпетрол“ сопственост на 50 отсто од гасоводот и да му се исплатат 33 милиони евра.
Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го оцени предложеното законско решение како еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.
„По ова, би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев. Не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд“,
рече Силјановска, посочувајќи дека парламентот има надлежност само за ратификација на договори.
Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ова законско решение е школски пример како се прават пари ако се спогодиш со Владата.
„Собранието нема надлежност за оваа проблематика и јавниот обвинител ќе мора да го истражи овој случај, за кој се водат судски спорови за утврдување на процентот кој го поседуваат двете страни, како и неговата вредност. Во катастар гасоводот не е заведен“,
рече Трајанов.
Собранието, посочи, не решава спорови и овој предлог закон е залутан во законодавниот дом, кој нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра за делот на „Макпетрол“ кој е проценет на 18 милиони евра.
„Целиот гасовод е проценет на 65 милиони евра, но треба да се има предвид дека е стар дваесетина години, а неговиот животен век е триесетина години. Затоа државата треба да преземе мерки за да се заштити и да се направи супервештачење за правилната пазарна вредност на гасоводот“,
рече Трајанов.
Во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое акционерско друштво и додаде дека во 2006 година, кога била основано АД ГА-МА, номиналната вредност била 1 500 денари за акција, а во моментов е 12 500 денари.
„Само гасоводот Клековце-Штип, долг 61 километар, чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво“,
рече Бектеши.
