Јавна дискусија за измените на Изборниот законик, во скратена постапка, не може да се организира бидејќи тоа не е предвидено со Деловникот за работа на Собранието, кое веќе ја изгласала потребата за нивно носење. Доколку во предлогот за носење на законот имало барање за јавна дискусија и парламентот гласал за тоа, тогаш би можело да има јавна дискусија, соопшти денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Со ова тој му одговори на претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски, кој најави дека на 25 овој месец ќе организира јавна расправа за измените на Изборниот законик, по што, како што рече, очекува да бидат повлечени околу шесте илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесе на предлогот.
Џафери појасни дека јавна дискусија е можна само по првото читање, а кога се работи за закони што се носат во скратена постапка, првото читање е одлучување за потребата на законот.
„Деловникот не познава терминологија јавна расправа. Во Деловникот се уредува јавна дискусија. По разгледувањето во прво читање или по претресот по првото читање, Собранието по потребата може да донесе одлука за јавна дискусија по определен закон ако е од поширок општ интерес. Откако пленумот ќе донесе одлука за јавна дискусија, определува матично работно тело кое ќе го организира и ќе ја одржи дискусијата. Со член 146 и другите членови потоа се пропишува како тоа се спроведува“, објасни Џафери.
Џафери во објаснувањето вели дека носењето закони по скратена постапка и јавната дискусија се контрадикторни.
„Која е смислата на скратена постапка во тој случај? Затоа Деловникот вели, откако ќе заврши расправата по однос на потребата по носење на закон во прво читање, Собранието може да одлучи да има јавна дискусија. Овие работи мора да ги сфатат пратениците. Не ја спорам работа на пратениците, но треба да се држат до Деловникот“, вели Џафери.
Кирацовски вчера ја одложи седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која требаше да почне амандманската расправа за предлог-измените на Изборниот законик бидејќи не се преведени сите амандмани.
Досега се преведени и ставени во електронскиот систем 3.734 амандмани од вкупно поднесените 5.899, и ќе се чека службите до крајот на следната недела да ја завршат работата.