Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителни предлози против девет лица кои на Меѓународниот аеродром Скопје прикажале лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за ковид-19, како наводно да биле издадени од лаборатории во Скопје.
Од нив шестмина се македонски државјани, двајца швајцарски државјани и една државјанка на Република Босна и Херцеговина.
Сите се обвинети дека во издвоени кривично-правни настани сториле кривично дело – фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
На странските државјани, врз основа на признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје веќе им изрече пресуда со која ги огласи за виновни и им изрече условна осуда – казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Исто така, изречена им е и казна протерување на странец од земјата во траење од пет години.