Од МВР уверуваат дека активно работат на случаите и сите материјали ги доставуваат во обвинителството. Завршено е вештачењето на телефоните на членови во новата „Јавна соба“, а неофицијално, кај дел од нив е најдена и детска порнографија
Кривичен прогон на сите инволвирани во случаите со „Јавна соба“ и „прочистување“ на полицијата од службеници што не постапуваат ефикасно по пријавите за родово базирано насилство, побараа денеска од Платформата за родова еднаквост и најавија нов марш за „будење“ на институциите.
Тие денеска пред Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја обвинија полицијата дека потфрла во заштитата на жртвите и дадоа рок до 8 март да се покаже волја и резултати во борбата против сексуално вознемирување и родово базирано насилство.

„Не прифаќаме изговори и префрлање на одговорноста. Бараме резултати веднаш. Искуствата на жените на кои им обезбедуваме бесплатна правна помош покажуваат дека случаите каде што полицијата соодветно постапува се исклучок, а не правило. Жените не веруваат во полицијата поради непостапување и релативизирање на нивните искуства, опомени и прекршочни санкции за сторителите, наместо кривични пријави. Очигледно, им требаше една година за случајот, во една недела се обидоа да ни ги замачкаат очите со неколку постапки од МВР и ОЈО, но сакаме да видиме сериозни резултати и волја, а не да биде само декларативно“,
порача Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост.
Една година без обвинение
За случајот со групите во кои се шират фотографии од малолетнички и лични податоци од жени и девојки, од неодамна двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години се во притвор.

Но, тие се осомничени за групата „Јавна соба“, која се појави во декември 2019 година. Случајот сѐ уште е во предистражна постапка и засега нема обвинение. Обвинителството бараше притвор поради сомнение за кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија, дело кое се казнува и до 8 години затвор.
Притворот следуваше набрзо откако се појавија нови групи и нови жртви што се охрабрија да истапат во јавноста, а кои добија поддршка од стотици активисти и граѓани кои на протестен марш побараа казни за „демначите“

За втората група за која јавноста дозна годинава, МВР приведе четири лица чии телефони и лаптопи беа дадени на вештачење. Според извори од истрагата, кај дел од нив е најдена и детска порнографија.
Од МВР велат сите материјали се доставени во обвинителството.
„Министерството за внатрешни работи го достави материјалот, дел од него и во текот на денешниот ден, во врска со случајот „јавна соба“ до надлежните обвинителства за натамошно постапување. Во врска со случајот ‘јавна соба’ беа приведени четири лица од кои без одземени мобилни телефони и лаптоп-компјутери кои беа предмет на вештачење на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Вештачењето е завршено и материјалот е доставен до надлежните обвинителства за натамошно постапување. Групата ‘Јавна соба’ беше затворена од страна на платформата ‘Телеграм’, а Секторот за компјутерски криминал постапува за детектирање на други лица кои беа членови на оваа група, но и членови на нови помали групи кои се формираа по затворањето на ‘Јавна соба’. Исто така, по наредба на јавното обвинителство беше постапено и беа приведени две лица во врска со минатогодишниот случај ‘Јавна соба’, и ним им е одредена мерка притвор“,
велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство Скопје не откриваат нови детали за истрагите. За „360 степени“, велат дека сѐ уште го комплетираат предметот за првиот случај со „Јавна соба“ за која две лица се во притвор, по што ќе донесат соодветна одлука.
„Истражната постапка е во тек и надлежниот јавен обвинител интензивно презема истражни дејствија со цел обезбедување докази. По комплетирање на предметот и анализа на прибраните вербални и материјални докази, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“,
велат од ОЈО за „360 степени“’
Новиот случај за „Јавна соба“, пак, е во фаза на предистрага.
„Во тек е предистражна постапка и по насоки на јавните обвинители се постапува со цел утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност“,
велат од ОЈО.
Активистите бараа правда и за полнолетните жртви
И МВР и ОЈО претходно посочија дека постапувањето е отежнато поради несоработката на платформата „Телеграм“, што го отежнува собирањето на доказите.
Но, проблем е и законската регулатива, бидејќи ако жртвата е полнолетна законот предвидува помали казни за сторителите. Односно, бидејќи не постои одредба со која се регулира онлајн-вознемирувањето, тие би можеле да одговараат само за дела како злоупотреба на лични податоци, уцени, загрозување на сигурност и слично.
Додека се чекаат законските измени со кои треба да се воведат нови кривични дела демнење и полово вознемирување, од Платформата за родова еднаквост побараа кривичен прогон за сите „демначи“ според постојните закони.
„Очекуваме итна испорака на конкретни резултати по нашите барања со рок до 8 март кои ќе ни покажат дека конечно преземате мерки. Очекуваме кривичен прогон на сторителите и за полнолетните жртви, а не само за делото за детска порнографија. Очекуваме кривични пријави за – злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, во зависност од околностите на случајот. Очекуваме прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени и нивно санкционирање и едукација за стручно постапување. Очекуваме специјални одредби за постапување по родово базирано насилство. На маршот на 8 март ќе побараме отчет во однос на овие очекување“,
порачаа од Платформата за родова еднаквост.
Од Министерството за правда претходно најавија дека новите законски решенија брзо ќе се најдат во Собранието за да се обезбеди ефикасна заштита на жртвите и поголеми казни за сторителите.
Други „јавни соби“ и натаму се активни
Додека трае истрагата и се подготвуваат измените во Кривичниот законик, „демначите“ си продолжуваат со своите активности. Иако првата „Јавна соба“ е затворена поради ширење на порнографски содржини, други групи и натаму се активни.
Од МВР велат дека активно следат уште неколку групи, меѓу кои е и „Популација Балкана“ во која членовите се главно Македонци и Срби.

Бројот на членови во оваа група секојдневно се зголемува, а од минута во минута се шират експлицитни фотографии од девојки и жени и нивни лични податоци.
Сепак, „демначите“ стануваат повнимателни, па апелираат да не се споделуваат фотографии од малолетнички и телефонски броеви за да нема основа да бидат кривично гонети.