За оваа програма годинава ќе се потрошат 40 милиони денари, а ќе се откупат 880 000 килограми овошје: кајсии, праски, сливи, круши и јаболка. Свежо овошје ќе добиваат сите деца во градинките во земјава или околу 38 000

Децата во градинките во текот на пет месеци во годината ќе добиваат свежо сезонско овошје секој ден или неделно секое дете ќе добие по еден килограм.
Ова денеска го најавија министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, Јованка Тренчевска и Љупчо Николовски, во рамки на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година која ја промовираа денеска во градинката „13 ноември“ во Општина Центар.
Програмата ги вклучува сите градинки во државата, односно околу 38 000 дечиња.
„Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболка во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно. Оваа програма е поддржана и претставува донација од страна на Владата Република Северна Македонија“,
истакна Тренчевска.
Министерот Николовски истакна дека оваа програма е продолжение на она што министерството го започна минатата година, но сега со двојно поголем буџет.

„За оваа година издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880 000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку 90 000 килограми кајсии, 175 500 килограми праски, 168 000 килограми сливи, 74 000 кг круши, 370 000 килограм јаболка. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38 000 деца од сите градинки во државата“,
рече Николовски.
Во врска со исхраната во градинките, министерката за труд и социјална политика зборуваше и за иницијативата на Министерството да се ревидира Правилникот за стандарди и нормативи за исхрана во градинките. Потенцира дека во соработка со компанијата „Ново нордиск“ и УНИЦЕФ и учество на претставници од релевантни институции, направена се измени во правилникот кои предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук.
„Потоа, месечната листа на јадење да биде секој ден различна бидејќи нашето поднебје располага со богат избор на овошје и зеленчук за подготовка на оброците во детските градинки“,
посочи Тренчевска.
Министерката ја најави и дека ќе следува едукација за грижа и превенција на здравјето во детските градинки и во семејни услови преку соодветна и правилна исхрана. Со овие обуки ќе бидат опфатени сите стручни профили – вработени во детските градинки, но и децата и на родителите.