Меѓу напаѓачите е и лицето М. Сулејмани, за кое дел од медиумите јавуваат дека е внук на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи
Инцидентот што попладнето се случил кај кањонот Матка, при што имало и пукање, бил поради расправија за движењето на чамците за туристи кон пештарата, вели полициски извор за „360 степени“. Во настанот се вклучени две групи на сопственици на вакви чамци.
На снимката што се појави во јавноста се слуша истрел.
Според сведочењето на нападнатите, лицето М. Сулејмани со уште неколкумина нападнале лица што управуваат со чамци за туристички прошетки во кањонот, а еден од напаѓачите употребил и огнено оружје. За М. Сулејмани, кој исто така поседува чамци за туристи на Матка, дел од медиумите јавија дека е внук на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи.
Повод за тепачката е кавга за движењето на чамците, вели полицискиот извор. Според него, на лице место не е најдена чаура од испукан куршум.
Се очекува официјално соопштение од МВР.