Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најави нова даночна политика. Објави дел од програмата со која ќе промовира ниски даноци за компаниите кои ќе остварат профит, но и политики кои ќе привлекуваат странски инвестиции. Според програмата на партијата, целта е Македонија да биде држава со најниски даноци на добивка
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, во денешното гостување во МРТВ ја оценува за несериозна иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за ниски даноци на добивка на странски компании кои сакаат да инвестираат во земјава.
Смета дека опозициската партија не ги познава даночните политики, кои државата веќе ги имплементира, а ги презела како обврска со меѓународни договори.

„Ме чуди како сериозна политичка партија да немаат познавање на обврска која државата ја презела пред две години кон Меѓународна организација за економска соработка и развој (ОЕЦД). А тоа е да се приклучиме кон групата на земји, современи пазарни економии кои се договорени глобално данокот на добивка да изнесува 15 проценти. Ние можеме да дадеме 5 проценти на данок на добивка на компаниите, но остатокот од 5 до 15 отсто, компанијата секако ќе мора да го плати во својата матична држава. Нашата држава по идејата на ВМРО-ДПМНЕ треба да брцне во џепот, односно во буџетот на држави како САД, или на членките на ЕУ“,
посочи тој.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најави нова даночна политика. Објави дел од програмата со која ќе промовира ниски даноци за компаниите кои ќе остварат профит, но и политики кои ќе привлекуваат странски инвестиции. Според програмата на партијата, целта е Македонија да биде држава со најниски даноци на добивка.
Новата даночна политика ја најави вчера на трибина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе привлече големи светски компании во Македонија, данок на добивка од 8 отсто за профит од 20 до 30 милиони, 6 отсто за профит од 30 до 50 милиони и 5 отсто за профит над 50 милиони“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочија и дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја подигне Македонија од калта во која СДС и ДУИ ја втурнаа.
„Македонија ќе биде стабилна економија со предвидливост во даночната политика и ниски даноци за компаниите што заработуваат повеќе. Според новата даночна политика за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10 отсто, ако е реинвестиран, тој останува 0 отсто. Секоја компанија без разлика дали е домашна или странска ако пријави профит од 20 до 30 милиони евра, данокот ќе биде 8 отсто, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6 отсто, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5 отсто. Со оваа политика компаниите ќе се мотивираат што повеќе да работат, но и ќе се демотивира во целост сивата економија. Државата ќе понуди предвидливост и сигурност, како за домашните, така и за странските инвеститори. Ќе ја профилираме Македонија како држава со најнизок данок на добивка“,
заклучија од опозициската партија.