Изборите за иден лидер на СДСМ по оставката на Заев ќе се одржат на 12 декември

Актуелниот в.д директор на дирекцијата ТИРЗ и кандидат за иден лидер на СДСМ, Јован Деспотовски, преку Фејсбук статус објави дека се откажува од правото со свои претставници да ја следи работата на партиските изборни органи во рамките на гласањето и изборот на новиот претседател на партијата.
„СДСМ значи заедништво, доверба, но првенствено мојата цел со оваа кандидатура е единство. Верувам во интегритетот на нашето огромно семејство социјалдемократи, чесни луѓе кои силно ја вреднуваат демократијата и партијата“,
напиша Деспотовски на Фејсбук.
Тој изрази уверување дека внатрепартиските избори ќе бидат вистински празник на демократијата и тие, според него, ќе создадат нова политичка култура во целата земја и очекува да бидат пример за сите останати политички партии.
Изборите за иден лидер на СДСМ по оставката на Заев ќе се одржат на 12 декември. Во трката за тоа кој ќе го води кормилото на партијата во иднина во игра се тројца кандидати, откако од поднесени четири кандидатури, една беше одбиена.