
Министерката за правда Рената Дескоска, претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, државниот обвинител, Љубомир Јовески, шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, се дел од функционерите во правосудството кои денеска се собраа кај кантата гаража “26 Јули” во центарот на Скопје во рамки на акцијата за чистење со “Не биди ѓубре”.
„Тука се како што гледам сите вработени. Не се само од министерството туку и од судствите и од обвинителството. Организацијата беше на различни пунктови да бидат различни сектори така што правосудството го лоцираа да биде во центарот на Скопје, веорјатно дека сме и во центарот на интересот“, рече Десковска.
Дескоска му предаде метла на Здравев, кој на шега прокоментира дека не е амортизирана.
„Денеска му ја предадов ‘златната метла’ која невладините ја оставија во една акција пред повеќе институции, меѓу кои и министерството. Кога му ја предадов претседателот на Судскиот совет искоментира дека не е многу амортизирана. Ние со таа метла можевме да помогнеме да се направат законите и затоа тоа е една фина канцелариска работа која ја завршивме, сега останува вистинската амортизација на метлата да се случи во Судскиот совет, да се спроведат законите кои ние ги подготвиме, а собранието ги донесе и да се врати довербата на правосудството“, порача министерката.
Здравев понатаму, пак, направи примопредавање на метлата со Џолев.
„Потребно е да се работи на свеста на граѓаните и сите да дипронесеме за една поздрава и почиста околина во која живееме“ рече Џолев кој не сакаше да коментира за теми од правосудството велејќи дека денеска воопшто не разговарале за нешто такво бидејќи тука се заради акцијата.

Од зборното место функционерите и административците се поделија по групи и се распоредијa на различни локации. Обвинителката Русковска тргна со групата која се упати да чисти кај Олимпискиот базен.
„Во суштина ми се допаѓа акцијата затоа што имаме можност и вон работно време да се дружиме“, рече обвинителката пред да се пушти во акција.

„Се опремив со тоа што ми го дадоа”, рече Русковска пред медиумите, носејќи ракавици и вадејќи ја ќесата што ја добила.

Таа рече дека повеќето вработени во обвинителството се дојдени да чистат, а на зборното место направи и список на присутните.

Јовески, пак, се упати во паркот позади катната гаража. Таму административците си ја завршија работата за помалу од еден час и си заминаа од паркот.

