Најмалку 35 луѓе загинаа, а педесетина се повредени, во стампедо на погребот на иранскиот генерал, Касим Сулејмани, кој беше убиен во петокот при напад од американско беспилотно летало, соопштуваат иранските медиуми.
Погребната церемонија на Сулејмани се одржа денеска во неговиот роден град Керман, а погребната поворка ја следеа стотици илјади луѓе.
Шефот на иранските итни медицински служби потврди дека во стампедото имало жртви.
„За жал, како резултат на стампедото, некои од нашите сонародници беа повредени, а некои починаа за време на поворката“,
соопшти тој.
Убиството на Сулејмани предизвика тензија на светската политичка сцена и страв од конфликт помеѓу САД и Иран, особено затоа што генералот важеше за вториот најмоќен човек во Иран, веднаш по врховниот лидер, Али Хаменеи.