Според Таравари, пациентите што се лекуваат во странство се во релативно стабилна состојба, а само еден што е во Турција е во многу сериозна состојба

Десет пациенти што беа повредени во пожарот во Кочани, а кои се лекуваат во земјава денеска ќе бидат пуштени дома, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Пациентите што се испишуваат се и од државните и од приватните клиники.
„Исписи имаме за еден пациент од Штип, еден од Детска хирургија, тројца од Торакална. Во приватните болници, ’Систина’ и ’Жан Митрев’ се лекуваат вкупно девет пациенти, од нив пет се испишуваат“,
изјави министерот на денешната прес-конференција.
Вкупниот број пациенти што се лекуваат во земјава и во странство, Таравари рече дека е 162.
„На Клинички лежат 25 пациенти, во ГОБ ’8 Септември’ има 12 пациенти, во Градска се 11 и во Штип еден пациент“,
додаде министерот.
Во странство, како што соопшти Таравари се лекуваат 115 лица од кои, во Србија се 30, во Бугарија – 15, Грција – 12, Турција – 12, Шпанија – седум, во Австрија – пет, во Унгарија – шест, во Хрватска пет, Словенија – четири, Литванија – четири, Белгија – четири, Италија – четири, Шведска – четири и во Полска се двајца пациенти.
Според Таравари, пациентите што се лекуваат во странство се во релативно стабилна состојба, а само еден што е во Турција е во многу сериозна состојба.
„Оние пациенти кои се лекуваат тука нема да се праќаат надвор од земјата, бидејќи и тие се во стабилна состојба. За дел од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, веќе е отворена темата да бидат вратени дома. Имаме најави од одредени држави дека некои од пациентите веќе се движат и се во добра состојба, ќе подготвиме протоколи како ќе биде нивното враќање, дали ќе треба да бидат сместени на некоја клиника, а секако дека ќе бидат прегледани од наши доктори и тие што се во добра состојба ќе бидат пуштени дома“,
рече Таравари.
Тој нагласи дека следно со што ќе се соочуваат се инфекциите и за тоа вели дека ќе треба да бидат внимателни за да има максимална превенција и да нема компликации.
На новинарско прашање за резултатите од токсиколошките анализи што се направени кај пациентите, Таравари рече дека се завршени, а во текот на денот ќе бидат објавени. Генерално, како што рече, кај сите пациенти се исполнуваат условите и можат слободно да бидат пуштени дома.
За тоа дали лекувањето на пациентите во странство е бесплатно, бидејќи дел од семејствата на социјалните мрежи собираат пари за лекување, Таравари вели дека во 99 отсто од болниците лекувањето е бесплатно и нема потреба од тоа.
„Како влада обезбедивме за по двајца родители или членови на семејство да патуваат и да се вратат и плус сместувањето во сите држави. Нема потреба од шпекулации и невистини. Ова е објавено пред 3-4 дена. Можеби во некои болници, но генерално, во сите болници лекувањето е бесплатно“,
изјави министерот.