Гласањето во 17 дома за стари лица низ државата се одвива одлично и без никакви проблеми, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, при посетата на гласачкото место во Домот за стари лица во Катланово.

Денеска гласаат и болните и изнемоштени лица и луѓето коишто се сместени во казнено-поправните установи, што значи вкупно околу 11 илјади лица ќе го искористат своето право на глас.
„До пладне, до овој момент немаме пријави за никакви инциденти и денот се одвива навистина мирно, што исклучително ме радува затоа што очигледно расте граѓанската свест кај нашите граѓани за своето право и обврска да излезат на избори и да го искористат своето право на глас. Се надевам дека до крајот на денот нема да има никакви проблеми и дека овој ден ќе заврши исклучително мирно“,
изјави Дерковски.
Гласањето во старските домови првпат се одвива во нашата држава, со што постарите сограѓани за првпат официјално имаат право да го остварат своето гласачко право во онаму каде што се сместени.