Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски на два дена пред почетокот на тридневното гласање за предвремените парламентарни избори на 15 јули за МИА оценува дека Комисијата направила максимални напори да се организираат безбедни и транспаретни избори.
Очекува гласањето и 15 јули да поминат мирно и достоинствено и оти нашите граѓани ќе покажат високо ниво на политичка свест и култура. Ги повика граѓаните да излезат и да гласаат и да бидат сигурни дека се здравствено заштитени.
„Би сакал да ги повикам граѓаните да излезат и да гласаат и притоа да бидат сигурни дека на избирачките места се сосема сигурни и здравствено заштитени затоа што ние ги дезинфициравме сите гласачки места, обезбедивме доволни количини заштитни средства за сите членови на изборната администрација но и за секој граѓанин кој евентуално нема заштитна маска, доволно дезинфициенси, ракавици и доволно пространи избирачки места“,
вели Деркоски.
На прашањето какви изборни денови очекува, бидејќи овојпат се гласа на 13,14 и 15 јули кога гласањто е од 7 часот наутро до 21 часот, тој вели дека очекува висока свест и култура од граѓаните.
„Оваа година со примена на нова апликација, претседателите и замениците на избирачките одбори ќе имаат обврска да доставуваат податоци за излезноста по истекот на секои два часа во текот на денот, а по затворањето на гласачките места и по утврдувањето на резултатот со помош на истата апликација ќе се овозможи брз трансфер на резултатите со што ДИК ќе може да излезе со првични не официјални резултати многу брзо“,
вели Деркоски.