На јавноста и е познато дека дворот на фабриката Охис во Скопје е темпирана бомба.
„Овде кај овие што се како ридчиња, тука имаше линдан закопано. Цело време, триесет години така се работеше тоа.“, ни раскажа пензионираниот работник од Охис Кирил Трпковски.
Стравот од опасниот инсектицид со децении живее меѓу локалното население.
„Бегаа луѓето, искрено бегаа. Oд кај е производот? Од Лисиче од Драчево, сите бегаа едно извесно време.“ рече трговецот Слободан Митревски од локалното пазарче во Драчево.
Оваа наша претходна сторија не донесе до нови факти – дека проблемот е многу поголем од околината на Охис.
Доктор Марина Крстевска-Константинова од Клиниката за детски болести со години ги истражува здравствените нарушувања кај децата. Професионалниот интерес ја инспирирал и докторската дисертација во 2007-мата да ја посвети на здравјето на младите. Изборот паднал на истражување на опасниот пестицид Ди-Ди-Ти во крвта кај девојчиња со предвремен пубертет, чиј број од година во година растел.
„Јас бе шокирана, шокирана навистина, заради тоа што очекував едно, а добив друго.“, вели докторката.
Шокот кај неа бил зашто пред да почне истражувањето очекувала да најде присуство на еден пестицид кај девојчињата со ран пубертет. Но, анализите направени во Белгија, со помош на белгиски доктори, покажале присуство на друг пестицид. Земени биле примероци од крвта на 56 девојчиња од различни делови на Македонија, но најмногу од Скопје кои предвреме влегле во пубертет. За споредба, била тестирана и контролна група од 24 девојчиња само од Скопје.
„Резултатите покажаа дека нашите деца мал процент, од 10 до 15 проценти имаат деривати на Ди-Ди-Ти, но голем број, скоро сите деца, дури и контролната група имаше сигнификантно повисоки вредности на линдан. И они тогаш ни пратија една предупредувачка порака, имено што се случува кај вас со линданот, затоа што едно баравме, а друго добивме. Ние дури се обидовме и организиравме една конференција во врска со тој наш случаен наод и да ви кажам немаше некој широк одзив во јавноста.“, вели Крстевска-Константинова.
Докторката вели дека депониите со линдан на ОХИС секако влијаат врз луѓето.
„Како не, влијае и тоа многу. Само мене едно ми е чудно така малку, затоа што ние имавме пациенти од целиот регион, значи од целата земја, така да кај нив најверојатно била последица на прскање на земјоделски производи, употреба на пестициди.“
„360 Степени“ стапи во контакт со докторката по сознанијата од нашето претходно истражувањето за депониите со линдан во Охис. Трагата до нејзината засега единствена ваква студија, беше оваа брошура на Министерството за животна средина посветена на токсичниот отпад во Охис.
„За жал првпат слушам од вас, досега не сум била контактирана за таа брошура конкретно, може го прочитале мојот труд, па ги искористиле податоците од мојот труд.
– Дали ви понудиле соработка воопшто?
Не, не, сега првпат слушам од вас, за жал не.“, зборуваше со зачудување докторката.
Од министерството одговорија дека е погрешна формулацијата на тој параграф во брошурата. Велат дека не учествувале во правењето на студијата, но ја цитирале со дозвола од раководството на Детската Клиника. Од дисертацијата на докторката е помината цела деценија. И покрај вознемирувачките резултати, јавно не е познато дека е иницирана нова и поопсежна анализа.
Она што се знае е дека линданот, како пестицид, се користел во македонското земјоделство до 2009-та, кога е забранет за употреба. Досега јавноста знае дека во поголеми колични го има во базените за складирање отпад во Охис, кои се распаѓаат и веќе ја контаминираат околината.
По објавувањето на претходната сторија, до нас стигна тврдење дека кругот на фабриката не е единственото место каде се складирале остатоци од инсектицидот. Поранешниот вработен во ОХИС, Сретен Стојковски, тврди дека опасен отпад, се одлагал и во депонија над населбата Драчево, кај локалитетот Пеленица. Стојковски не беше во можност да ни ја покаже точната локација, бидејќи во моментот на снимањето беше покриена со снег.
„Копајќи по документи, дојдов до документи дека овде на оваа локација има одобрение за складирање на опасен отпад. Најверојатно е складиран дел од отпадот делта паста, сепак треба да се направат анализи да се види дали е делта или е другиот отпад од линданот. Дозволата за употреба е издадена 1975 година, значи дека од 1975 до 1980 година на истиот е носен опасниот отпад од производството на пестицидот линдан.“, ни раскажа тој.
Сознанијата на Стојковски, поткрепени со сведочења на вработени, велат дека овде има околу 8 илјади тони опасен отпад од ОХИС.
„На истиот начин како што е складиран во ОХИС и овде е донесен, ставен, затрупан со земја и така е оставен. Нема од тој период мониторинг на локацијата што се случува, во каква состојба се бурињата, дали се распаднати, какво е влијанието на линданот врз подземните води, нема мониторинг направено.“, вели Стојковски.
Колку и да звучат неверојатно, тврдењата на Стојковски се поткрепени и од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, каде одбранил магистерски труд на оваа тема. Во прилог на неговите тврдења сведочеше и Абдуљ Вучељ, локален жител, кој не затече додека снимавме над Драчево.
„Видов некоја течност. Нешто како зелена течност дека тука е фрлана. Во таа дупката овде. Сите знаат јас одам на лов, ловџија сум и се вртам редовно овде.Сите мештани знаат дека овде има фрлано од ОХИС, рекоа дека била некоја киселина некоја од порано е сега колку е тоа точно не знам.“, вели Вучељ.
Парцелата, за која нашите соговорници велат дека е депонија, е во сопственост на Република Македонија. И Министерството за животна средина ги слушнало, како што ги нарекуваат, неофицијалните информации за депонија со опасен отпад над Драчево. Велат дека планираат да ја истражат локацијата и да забранат пристап до неа, но не кажаа кога. Потенцијалната депонија се спомнува и во документи на општината Кисела Вода. Во еколошките планови на локалната власт за 2008-ма и 2016-та година, местото се нарекува индустриска депонија на Охис и на фабриката Стакларница.
„Во последните 40 години, кога хемиската индустрија работеше со полн капацитет, големи количини на хемиски отпад се складирани на оваа локална депонија. Во периодот на изработка на овој ЛЕАП (Локален еколошки акциски план), општината не располага со потврдени податоци дали отпадот складиран пред повеќе години на оваа локација се наоѓа се уште во метални буриња плитко закопани под земја или тие се излеани и претставуваат закана за подземните води и поширокиот регион. За таа цел, потребно е да се направат темелни истражувања и студија со која би се дефинирала состојбата.“, се вели во општинскиот ЛЕАП.
Локален координатор за изработка на овој план за Кисела Вода е Кирју Николовски, вработен во општината. Кога го побаравме ни рече дека е на боледување и дека не може да одговори од каде и се информациите на општината.
Став ни даде градоначалникот Филип Темелковски, иако документите датираат од пред тој да дојде на функцијата.
„Тоа е според документите до кои имаат дојдено луѓето кои го изработувале ЛЕАП-от. Ние според тој локален еколошки план треба да испитаме дали навистина има и други депонии надвор од кругот на ОХИС и тоа планираме во текот на оваа година да го направиме.“, вели Темелковски.
Единствените депонии со линдан на кои сега се работи се оние во кругот на ОХИС. Проблемот, за кој е надлежна централната власт, е во почетна фаза на решавање. Проценките се дека за чистење на малата депонија ќе требаат 5 години, а за големата уште 10 години. И покрај докажаната контаминација, дворот на ОХИС добива нови станари – мали фирми кои ги изнајмуваат старите хангари. Барем додека комбинатот е во државна сопственост не може да се градат станбени згради, иако се појавија информации дека моќници го меркале просторот.
„Деталниот урбанистички план се уште не е донесен за ОХИС, во фаза на изработка е. Така да се уште си е актуелен стариот, каде што исто така е дефинирано дека е индустриска зона. И со новиот во овие моменти се дефинира како индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија.
-Дали тоа ќе го обврзе следниот купувач да внимава?
Тука не сме ние вклучени како општина во преговорите. Владата како најголем доверител и стечајниот управник би требало да ги прашате, бидејќи они имаат повеќе информации.“, рече градоначалникот.
Колку токсичен отпад и на колку локации остави Охис? Зошто се дозволува нови фирми да работат во кругот на фабриката? Ова беа само дел од прашањата на кои не добивме шанса за одговор од стечајниот управник и покрај нашите обиди. И институциите на извршната власт не понудија многу повеќе. Докторката Крстевска-Константинова го поставува прашањето – какви резултатите би добила сега, ако повторно се направат крвни анализи кај деца.
„Линданот кај детето може да предизвика многу големи промени, делува на многу системи и на органи, така да на прво место би го ставила нервниот систем, може децата да добијат напади на грчеви, епилептични напади, може пореметувања во развојот да се случи, исто така репродуктивниот систем ова ние што го испитувавме, значи предвремениот развој на пубертет. Исто така кога ќе го добијат пубертетот проблеми со репродуктивниот систем, со хормоните, значи може да дојде до пореметување на овареалните циклуси. Исто и кај возрасните тоа се случува, значи пореметување во фертилитетот, во плодноста, но не само кај девојчињата и кај машките може да настане проблем со сперматогенезата.“, предупредува д-р Марина Крстевска- Константинова.
Напишете коментар