Од Министерството за правда посочуваат дека работната група ќе ја разгледа анализата и ќе изготви првична драфт верзија на новиот закон за здруженија и фондации, притоа ќе се разгледуваат и сите отворени прашања кои се однесуваат на историските личности
Работната група при Министерството за правда деновиве ќе закаже состанок на кој ќе се дискутира за новиот закон за здруженија и фондации, информираат за МИА од Министерството за правда. Оттаму оценуваат дека примената во пракса на постоечкиот закон, донесен во 2016 година, покажа одредени слабости.
Ова доаѓа откако во април годинава во Битола беше отворен културниот центар „Ванчо Михајлов“, потоа беше регистрирано здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споделува и информација дека и во Богданци се подготвува ново бугарско здружение кое според најавите треба да го носи името на Цар Фердинанд, татко на Царот Борис Трети.
Регистрирањето здруженија со вакви имиња предизвика реакции во јавноста. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија пред неколку дена соопштија дека со регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза.
Од Министерството за правда потенцираа дека до нив не е доставено барање за давање позитивно мислење за одобрување на името на здруженијата „Цар Борис Трети“ и „Цар Фердинанд“.
Посочуваат дека работната група ќе ја разгледа анализата и ќе изготви првична драфт верзија на новиот закон за здруженија и фондации. Притоа ќе се разгледуваат и сите отворени прашања кои се однесуваат на историските личности.
Досега сè уште не е заземен став по однос на воведувањето регистар, но се очекува и ова прашање да се разгледа во наредниот период.
„Целта на овие измени на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации, како и начинот на нивно финансирање. Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските, така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување“,
посочуваат од Министерството за правда.