Свеченостите по повод државниот празник ќе бидат под мотото „Честит 11 Октомври, секогаш слободни“
„Честит 11 Октомври, секогаш слободни“ е слоганот на годинешново одбележување на Денот на востанието на македонскиот народ.
Свеченостите по повод државниот пазник годинава ќе се одржат согласно со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести, односно без масовни собири, со минимум присутни, дистанца и заштита, информираат од Владата.
Со цел почитување на препораките за заштита од коронавирусот , бројот на учесниците во настаните, кои ќе се случуваат без традиционалната културно-уметничка програма и без собири на граѓани, е ограничен.
На 11 Октомври, премиерот Зоран Заев, по повод чествувањето на 79 години од Денот на почетокот на народното востание, ќе се обрати на свеченото одбележување во Куманово. Тој ќе ја предводи делегацијата во која се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Дополнително, како дел од свеченото одбележување на државниот празник, владини делегации ќе положат цвеќе и во Прилеп и вп Скопје. Во Прилеп, владина делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе положат цвеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто и на Кузман Јосифовски – Питу, Алејата на народни херои, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.
Венци цвеќе, пред Споменикот на борците кои паднаа за ослободување на Скопје, ќе положи владина делегација предводена од првиот вицепремиер Артан Груби, а во нејзиниот состав ќе бидат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за правда и здравство, Бојан Маричиќ и Венко Филипче.