Телото на поранешниот папа во понеделникот беше пренесено во базиликата Свети Петар, а до вчера до 19 часот го посетиле стотици илјади граѓани. Тој ќе биде погребан во традиционален ковчег од чемпрес, кој потоа ќе биде ставен во ковчег од цинк кој, пак, на крај ќе биде сместен во уште поголем дрвен ковчег
Погребот на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти , кој почина во саботата на 95-годишна возраст, ќе се одржи денеска на традиционална церемонија предводена од папата Франциск на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Телото на поранешниот папа во понеделникот беше пренесено во базиликата Свети Петар, а до вчера до 19 часот го посетиле стотици илјади граѓани.
Погребната церемонија ќе започне во 8:45 часот по локално време, кога ковчегот со посмртните останки на Бенедикт Шеснаесетти ќе биде изнесен на плоштадот Свети Петар. Погребната миса ќе започне во 9:30 часот по локално време, а погребот ќе биде скромен, во согласност со желбите на папата Бенедикт.
Погребната миса ќе биде предводена од папата Франциск, што е прв случај во модерно време папа да го предводи погребот на својот претходник. На мисата ќе учествуваат повеќе од четири илјади кардинали, бискупи и свештеници, а литургијата ќе биде отслужена според латински ритуал, но на повеќе јазици.
Папата Бенедикт ќе биде погребан во традиционален ковчег од чемпрес, кој потоа ќе биде ставен во ковчег од цинк кој, пак, на крај ќе биде сместен во уште поголем дрвен ковчег.
Поранешниот папа ќе биде погребан во првата гробница на папата Јован Павле Втори која е на помалку од 100 метри од гробот на Свети Петар. Гробницата беше испразнета во 2011 година откако телото и посмртните останки на Јован Павле Втори беа преместени во капелата во базиликата по неговото прогласување за светец.
На погребот се очекува да присуствуваат повеќе од 60 000 луѓе.
Високи достоинственици, вклучително и кралицата Софија од Шпанија и германскиот канцелар Олаф Шолц, треба да присуствуваат на погребот, заедно со американскиот амбасадор во Светата Столица, Џо Донели.
Ќе присуствуваат и кардинали и архиепископи од повеќе земји, а своја посета најави и Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) која ќе испрати своја делегација на погребот.
Се очекува погребната церемонија да заврши во 11:15 часот по локално време, а последните моменти од погребот на Бенедикт Шеснаесетти ќе бидат приватни.