Годинава мотото на Обединетите нации (ОН) за одбележувањето на 8 Март е „За сите жени и девојки: Права. Еднаквост. Зајакнување“

Денеска се слави Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Тоа е празник што се одбележува на глобално ниво, а во фокусот се правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените. Годинава мотото на Обединетите нации (ОН) за одбележувањето на 8 Март е „За сите жени и девојки: Права. Еднаквост. Зајакнување“.
Осми март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк кои барале поголеми права, одржан на овој датум во 1857 година. Обединетите нации почнаа да го чествуваат овој ден од 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 Март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир.
Денес, 8 Март е официјален државен празник во Белорусија, Виетнам, Ерменија, Русија, Кина, Молдавија, Монголија, Узбекистан и Украина, додека во останатите земји тој се одбележува во светло на промоција на постигнувањата на жените, женските права и борбата за рамноправност.
По повод Денот на жената – 8 Март, Платформата за родова еднаквост денеска во Скопје организира марш за женски права, кој годинава ќе се одржи под слоганот „Нека јадат ружи!“.
Организаторот повикува на женски марш и на солидарен женски бојкот за да се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.
Маршот ќе почне во 13 часот пред Универзална сала и ќе заврши во паркот „Жена борец“ со завршни обраќања до јавноста и институциите.