Во текот на наредните два дена, ќе биде зголемен бројот на полицајци на терен, особено во туристочките места во државата, соопштија од Владата, по вечерашната седница
Усвоена е Програмата за финансирање здруженија и фондации за мерки за справување со кризата со ковид-19, така што 30 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата, преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари
На денешната редовна седница, Владата ја разгледала информацијата за активностите на Министерството за внатрешни работи и на инспекциските служби за контролите и постапувањата во однос на спроведувањето на мерките за справување со коронавирусот за време на тековниот продолжен викенд.
Според информациите од МВР, како што соопштија од Владата, во текот на денот биле поднесени 114 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, како и 451 прекршочна пријава по членот 6 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на ковид-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба.
Припадниците на МВР во текот на денот извршиле контроли и на лицата кои се во самоизолација, а Владата била информирана дека во текот на наредните два дена ќе биде зголемен бројот на припадниците на Министерството на терен, особено во туристичките дестинации во земјата.
Во текот на денешниот ден, Државниот пазарен инспекторат поднел 4 кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, од кои 2 се поднесени во Дојран, а по една во Струмица и во Битола. Државниот пазарен инспекторат денеска поднел и 12 прекршочни пријави.
Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направил засилени контроли на подрачјето на општина Штип, каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците.
Владата, како што се соопштува, ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните.
Владата, на денешната седница, ја усвои и Програмата за финансирање здруженија и фондации за мерки за справување со кризата со ковид-19. Согласно со Програмата, 30 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата , преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари и тоа за следните приоритетни цели:
- Информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот
- Правна помош, психолошка помош или совети за безбедност и приспособување за време на пандемија за најзагрозените групи, вклучително и спречување на стигматизација на заразените со коронавирус и лицата во изолација, односно спречување на говор на омраза;
- Помош и поддршка на децата од социјално загрозените семејства и децата од руралните средини за учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација;
- Помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите што ги наметна кризата;
- Набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво;
- Едукација, директна помош и поддршка на лица со хронични болести, лица со ретки болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители, сексуални работници/чки, групи засегнати од ХИВ, лица со попреченост, ЛГБТИ и други социјално исклучени групи, во смисла на набавка на прехранбени производи и лекови, прехранбени и хигиенски пакети, психолошко-социјална помош и слично;
- Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки со идејни решенија, кои ќе им помогнат да остваруваат приходи за време на криза, како што е на пример, воспоставување на онлајн продавници за земјоделци/ки поединци;
- Директна поддршка на ранливи групи со ниски примања за да им се помогне со решенија кои ќе им помогнат за остварување на приходи за време на кризата;
- Правна помош на граѓаните од најпогодените заедници за да ги остварат правата од мерките шгто ги донесе Владата;
- Анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата врз жените и ранливите категории и предлози за менување на политиките и мерките;
- Промоција на домашното земјоделско производство, локални капацитети за рурален развој и туризам и локалното производство на храна;
- Антикорупциска проверка на политиките кои се донесуваат во време на криза;
- Предлози за структурни промени и нови политики во областа на здравството, образованието, социјалната заштита, животна средина и др., кои ќе гарантираат социјално-економска правда и правичност;
- Информирање за заштитата на човечките права и ризикот од стеснување на просторот за граѓанските слободи за време на епидемија и вонредна состојба;
- Справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација и говор на омраза;
- Активности поврзани со дигитализација и електронска писменост на населението воопшто, односно како да се зголеми довербата во електронската комуникација и работење;
- Онлајн обуки и менторство за невработени лица, со фокус на ранливи категории граѓани, за стартување на сопствен бизнис;
- Обезбедување на совети и поддршка за развој на онлајн модули за физичка активност со цел подобро ментално здравје за време на пандемија;
- Информирање и едукација на јавноста за практикување на физичка активност со почитување на социјално дистанцирање, преку развој на упатства, модули.
На предлог на Министерство за образование и наука, Владата денеска донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба.
