Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз
На денешен ден, пред 27 години, во американската база „Рајт Петерсон“ во Дејтон беше парафиран Општиот рамковен договор за мир во БиХ и неговите 12 анекси, со што заврши војната во БиХ и се воспостави уставниот и правниот поредок на земјата.
Овој договор ја создаде државната заедница на БиХ, составена од два ентитета, Република Српска и Федерацијата БиХ.
Дејтонскиот договор по тринеделни преговори го парафираа тогашните претседатели на Србија, Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман од Хрватска и Алија Изетбеговиќ од Босна и Херцеговина.
Договорот беше парафиран во присуство на тогашниот американски државен секретар Ворен Кристофер, а посредници во преговорите беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.
Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз.
Денот на парафирањето на Дејтонскиот мировен договор во Република Српска се слави како државен празник и е неработен ден, што не е случај во другиот ентитет на БиХ, Федерацијата БиХ.
Српската страна во БиХ претходно предложи 21 ноември, денот кога беше парафиран Дејтонскиот договор, да се утврди како ден на државноста на БиХ, но тоа беше одбиено од партиите од Федерацијата БиХ.
Босна и Херцеговина никогаш не усвоила закон за празници на државно ниво, па нејзините два ентитета заеднички ги слават само новогодишните и првомајските празници.
Фото: U.S. Air Force/Staff Sgt. Brian Schlumbohm /Wikipedia