Во денешната статистика се евидентирани пет починати лица од ковид-19
Во изминатото деноноќие потврдени се 53 нови случаи позитивни на ковид-19, со што вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 483 лица.
Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа двајца пациенти заболени од коронавирус, жена од Лабуништа (Струга) на возраст од 71 година и маж на возраст од 77 години од Куманово кои биле хоспитализирани во исклучително тешка состојба.
Институтот за јавно здравје информира за уште два смртни случаи, жител на Велес кој почина пред неколку дена, а неговиот позитивен резултат е докажан постмортем и странски државјанин кој четири месеци живеел во Скопје.
Министерството потсетува и дека пациентот од Куманово кој почина на 2 април на Инфективната клиника, а чиј позитивен резултат на ковид–19 беше потврден вчера попладне, како случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде, исто така, евидентиран во денешниот извештај. Со ова, во денешната статистика се евидентирани пет починати лица од ковид-19.
Во моментов, како што соопштуваат од Министерството за здравство, на Инфективната клиника се хоспитализирани 61 пациент, од нив 11 се на механичка вентилација.
По градови, во изминатите 24 часа нови случаи се регистрирани во: Скопје -13, Куманово – 8, Штип – 5, Прилеп – 2, Струга – 14, Тетово – 2, Велес – 1, Гостивар – 2 и Кочани – 6.
Во изминатото деноноќие направени се 414 тестови или вкупно досега 4 920 тестирања на ковид-19.