Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците

Денеска и утре, во Скопје, во поширокото градско подрачје ќе има посебен сообраќаен режим, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Посебниот сообраќаен режим, МВР информира дека се воведува поради пристигнувањето на поголем број странски делегации кои ќе учествуваат на неформалниот лидерски состанок на НАТО-сојузниците од регионот.
„Во вторник и среда (21 и 22 ноември), Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото градско подрачје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците“,
известуваат од МВР.
Посебен сообраќаен режим ќе има и поради дводневната посета на Скопје на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска во Владата ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски, а попладне ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, по што ќе биде примен од претседателот Стево Пендаровски во неговиот кабинет.