Бидејќи во Општина Петровец има три училишта со име „Кочо Рацин“, мораше да извршиме проверка кај сите нив, вели министерот за внатрешни работи

Денешните дојави за бомби во скопски основни училишта се во Петровец, но тоа се пријави испратени во текот на вчерашниот ден. Дојавата за бомба е стигната во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на директорката на училиштето „Кочо Рацин“, но таа не ја видела пораката. Откако денеска ја видела, веднаш пријавила. Бидејќи во оваа општина има три училишта со име „Кочо Рацин“, мораше да извршиме проверка кај сите нив, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој потврди и дека денеска има дојава за поставена експлозивна направа во основно училиште во Крива Паланка каде што од страна на тимови за антитероризам се вршат проверки.
Според Спасовски, дојавите за поставени бомби најчесто се пратени преку заштитени адреси од странство за кои не се доаѓа лесно факти, податоци и информации.
„Извршена е комуникација и со партнерските земји и со Интерпол, Европол и сите други. Станува збор за ВПН-конекции кои се од Швајцарија и за тоа ќе треба преку меѓународна помош да се добијат тие информации бидејќи државите не сакаат да ги споделуваат информациите и не може да се дојде до брз одговор“,
вели Спасовски.
Тој додава дека дојавите за бомби се веќе многу распространети, не само кај нас туку и во соседството.
„Сето тоа се зголеми по инвазијата на Русија врз Украина“,
додава министерот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски серијата лажни дојави за бомби во училишта во Скопје вчера ги окарактеризира како терористички акт.
Тој во телевизиско гостување рече дека ова се хибридни напади кои знаат да бидат поопасни од конвенционалните, а целта е да предизвикуваат несигурност кај граѓаните, страв, паника, нестабилност во институциите.
„Пораките се со заканувачка содржина, дека во тоа и тоа училиште се поставени експлозивни направи. Се трошат и ресурсите на министерството. Најважно е што се предизвикува вознемиреност. Извршени се сите проверки, повторно станува збор за лажни дојави. Истрагата во овој дел е сосема при крај. Се очекуваат потврди на одредени факти и тоа се многу важни детали. Имаме лица што се осомничени и веднаш со потврдувањето на фактите ќе се дадат насоки од обвинителството. Ова е терористички акт. Која и да е причината што внесува таков раздор и несигурност кај граѓаните, треба да биде најостро казнета“,
рече Спасовски.