Според проценки на пратеници од парламентарното мнозинство, се очекува вечерва да се обезбеди кворум од најмалку 61 пратеник за да може да се гласа за буџетот и за законот за негово извршување
Се очекува вечерва парламентот да го донесе буџетот за 2021 година, по петдневна пленарна расправа за дополнетиот предлог на владата.
Денеска, иако е недела, во парламентот се закажани продолженија на две седници, односно седницата на чиј дневен ред е предлог-буџетот, а во 19 часот треба да почне седницата за донесување на законот за извршување на буџетот за следната година.
Според проценкина пратеници од парламентарното мнозинство, се очекува вечерва да се обезбеди кворум од најмалку 61 пратеник за да може да се гласа за буџетот и за законот за негово извршување.
При презентацијата на новиот буџет, премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими посочија дека буџетските приходи со предлогот се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.
Во фокусот на овој буџет се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи.Очекувањата се дека ефектите од рестриктивните мерки поради пандемијата во следната година ќе ослабнат и се очекува растот на економијата да достигне 4,1 отсто и 4,6 отсто во 2022 година.Од Владата оценија дека предложениот буџет е за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година.