Викенд-собирите на влезот на автокампот „Градиште“ во Охрид стануваат тензични, денационализацијата на имотот „тапка во место“
Демонстрантка на собир пред автокампот Градиште во Охрид во неделата добила скршеница откако на местото настанала тензија меѓу два табора – баратели на имот во процес на денационализација и корисници на камп приколки на истото место. Триесет и шест семејства од охридското село Пештани кои се баратели на имот во процес на денационализација три викенди по ред протестираат со блокада на влезот на автокампот. Но, викендот, како што вели демонстрантката Андријана Башоска, им бил организиран и контрапротест. Таа вели дека иако однапред знаеле оти луѓе од автокампот им подготвуваат контрапротест, сепак одлучиле да го одржат редовниот собир. И покрај присуството на полицијата дошло до тензии, при што на Башоска ѝ е констатирана скршеница на рака. Настанот е пријавен во полиција.
„Кога стигнавме во 9 и 30 во неделата, контрапротестот беше почнат и имаа поставено железна барикада. Почнаа да провоцираат, да нѐ навредуваат, а собирот го обезбедуваше полицијата. По еден час дојде група на тепачи со организаторот на протестот. Јас застанав да држам транспарент и внимавав на двете страни, но, позади грб, го скинаа транспарентот и ме завлекоја за раката. Не бев свесна што се случува и кога почувствував болки почнав да им викам да внимаваат. Повикав и Брза помош, при што подоцна во болница ми констатираа скршеница и добив лекарско уверение за претрпен стрес. Пријавив во полициска станица, од каде добив ветување дека ќе се постапи. По инцидентот со мене, тензиите продолжиле, па за да се избегнат инциденти, наместо во 14 часот, протестот на пештанци во неделата завршил во 12 часот“,
вели за „360 степени“ Андријана Башоска, демонстрантка и барателка на имот во Градиште.

Од СВР Охрид велат дека добиле пријава за настанот.
„А.Б.(45) од Охрид пријави дека за време на протестот на Здружението на граѓани „Оревче“ од селото Пештани, одржан на 11.07.2021 година кај автокампот „Градиште“, била физички нападната од две лица. СВР Охрид работи на расчистување на случајот по што ќе поднесе соодветна пријава“,
велат оттаму.
Закупецот на автокампот, Крсте Велјаноски, кој бил присутен на контра-собирот на камперите преку официјална реакција на неговата фирма МКМ „Нова Трејд“, вели дека камперите во Градиште не организирале контрапротест за спорот на Пештанци со државата околу имотот. Тој се жали дека поради собирите на Пештанци кои го блокираат влезот на автокампот, како закупец трпи последици, а на никој начин не е инволвиран, ниту пак може да помогне во процесот на денационализација.
„Камперите реагираат само на нивното ограничување на слободата на движење која им е загарантирана со Устав и закон, која слобода може да биде ограничена само од надлежен орган под точно определени услови. Веќе трет викенд по ред, истите не можат слободно да пристапат до своите камп приколки за кои уредно плаќаат закупнина, за која уредно имаат склучено договори за подзакуп. Зарем некој би се дрзнал да издава во закуп, односно подзакуп нешто ако нема уреден правен основ за тоа? Камперите и компанијата МКМ Нова Трејд не се узурпатори, не се сопственици на автокампот, нити пак на земјиштето. Тие се моментални закупци и корисници!“,
се вели во реакцијата и се негира физички напад врз Башоска.
Зошто се протестира пред автокампот?
Вкупно триесет и шест семејства од Пештани повеќе од 20 години се заглавени во денационализацијата. Нивните парцели во близина на охридското крајбрежје се конфискувани уште во 1957 година и таму е поставен автокампот. Комисијата за денационализација не сака да им го врати имотот, оти цени дека исполнет е јавниот интерес за кој е одземено земјиштето – изграден е автокамп. Им нуди обесштетување, а цените се движат од 230 до 275 денари за метар квадратен, што за Пештанци е неприфатливо. Тие бараат државата да им го врати имотот, или во крајна линија, да ги обесштети по сегашна пазарна цена.
Инаку, иако земјиштето под автокампот Градиште сè уште е на Република Северна Македонија, со него управува компанијата „Инекс Горица“, која одамна е во приватна сопственост. Во моментов, автокампот под закуп го има фирмата „МКМ Нова Трејд“, со петгодишен договор до 2024 година. „МКМ Нова Трејд“ годишно ѝ плаќа на „Инекс Горица“ околу 57 000 евра, а потоа ги издаваат приколките на заинтересирани поединци.
Општина Охрид во чија надлежност е управување со ова државно земјиште, одбиva да одговори на нашите прашања – под какви услови фирмата Инекс Горица поставила автокамп на државно земјиште, дали има договор за закуп, концесија, на колкав временски период и за колку пари?
Во последната пресуда поврзана со Градиште, Управниот суд ја уважи тужбата на Атина Милеска од Пештани и го поништи решението на Комисијата за денационализација со кое беше предвидено обештетување од 235 денари по квадратен метар. Но, Судот не носи мериторно решение, туку ја задолжува Комисијата одново да ги разгледа барањата за денационализација. Така, Пештанци со години се вртат во институционален круг.