Лидерот на ДПТМ, Бејџан Илјаз, пак, кој на изборите во 2020 година беше дел од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, одговарајќи на новинарско прашање дали претходно се разговарало за повторно коалицирање со СДСМ и каква понуда добил од ДУИ, рече дека претходно имал неколку средби со други политички партии, но оти предлогот од Ахмети бил најискрен
Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) денеска официјално стана дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако лидерите на двете политички партии, Бејџан Илјаз и Али Ахмети, ставија потпис на договорот за коалиција на претстојните избори.

Ахмети го оцени коалицискиот договор за историски чин на соработка, за која рече дека ќе трае и по изборите оти, како што рече, фронтот кој го преводи ДУИ нема да биде еднократен.
„Овој фронт ќе биде не само за една употреба, само за изборите, за претседателските и парламентарните избори од 2024 година, туку ќе биде вечен зашто интересите се заеднички. Ова партнерство, овој фронт и вие самите, почитувани, припадници на турската заедница, ќе се уверите дека ќе биде повеќе од политика, ќе биде братска соработка. Ова е најголемата поврзаност меѓу двата народи, двете нации“,
кажа Ахмети по потпишувањето на коалицискиот договор со Демократската партија на Турците во Македонија.
Лидерот на ДПТМ, Бејџан Илјаз, пак, кој на изборите во 2020 година беше дел од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, одговарајќи на новинарско прашање дали претходно се разговарало за повторно коалицирање со СДСМ и каква понуда добил од ДУИ, рече дека претходно имал неколку средби со други политички партии, но оти предлогот од Ахмети бил најискрен.

„Предлогот на овој фронт и пружената рака на Али Ахмети беа најискрени. Не е многу важна позицијата или договорите, дека се зборува за позиции, но можам да нагласам дека во моментов како партија ги имаме најдобрите позиции во нашата историја“,
рече првиот човек на Демократската партија на Турците.
Потпишувањето на коалицискиот договор со ДУИ, според Илјаз, на виделина ги вади причините кои обединуваат, а не кои разделуваат. Изрази надеж дека оваа коалиција ќе биде профитабилна за европската иднина на државата.
Покрај партијата на Бејџан Илјаз, претходно кон коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ се приклучија Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа.