Во меѓувреме, Бајден му одговори на Трамп порачувајќи оти е добра работа што тој нема да присуствува на инаугурацијата на 20 јануари
Демократите во понеделник ќе покренат барање за импичмент во Претставничкиот дом за претседателот на САД, Доланд Трамп, јавуваат американските медиуми повикувајќи се на извори во партијата.
Ова ќе биде втора постапка за импичмент на Трамп со што тој ќе влезе во историјата како единствен претседател за кој два пати била поведена ваква процедура.
Барањето ќе го поднесат тројца конгресмени од Демократската партија: Дејвиц Сицилин, Тед Лиу и Џејми Раскин, а причините се што тие сметаат оти Трамп ја загрозил безбедноста на САД и нивните институции, се мешал во мирната транзиција на власта итн.
Демократите сметаат и дека доколку тој остане на функцијата, со неговото однесување претставува закана за националната безбедност, демократијата и Уставот на САД.
Тие на ваков чекор се одлучија откако претходно упатија низа повици до потпретседателот Мајк Пенс и членовите на американската влада да го отстранат Трамп од функцијата со искористување на амандманот 25 од Уставот кој предвидува ваква опција доколку актуелниот претседател се смета за неспособен да ја извршува функцијата. Ако не го направат тоа, порачаа демократите, тогаш ќе покренат постапка за импичмент во Претставничкиот дом.
Гласањето во Претставничкиот дом за потврдување на обвинувањата наведени во барањето за импичмент, според објавите, би можело да се случи кон средината на наредната недела, а потоа процедурата продолжува во Сенатот, па затоа е неизвесно и дали воопшто ќе заврши целата процедура пред крајот на мандатот на Трамп – 20 јануари.
Инаку амандманот 25, кој демократите бараа да биде искористен пред да се решат за импичмент, предвидува отстранување на претседателот од функцијата поради неспособност и во таков случај овластувањата преминуваат во рацете на потпретседателот, во случајот Мајк Пенс. Ваквата можност досега не била користена во американската историја. Таа предвидува дека Пенс не може сам да го отстрани Трамп, туку треба да добие поддршка од мнозинството министри. Кога би ја добил поддршката тој би станал в.д. претседател. Процедурата понатаму предвидува и вклучување на Сенатот доколку претседателот негира дека е неспособен, но до тоа во конкретниот случај нема да дојде бидејќи за само две недели (на 20 јануари) Бајден ќе ја преземе функцијата.
Сето ова следува по упадот на првиврзаниците на Трамп во Капитол Хил, зградата каде е сместен Конгресот.
По ваквите повици и притисоци, Трамп вчера излезе со видеообраќање во кое го призна поразот велејќи дека наскоро ќе дојде нова администрација и најави дека се посветува на мирна транзиција на власта.
Денеска, тој повторно се огласи и објави дека нема да присуствува на инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари.
Во меѓувреме, се огласи и Бајден. За импичментот рече дека доколку дојде до такво нешто тоа ќе си биде самостојна одлука на Конгресот, а му возврати и на Трамп со порака дека му е мило што нема да присуствува на церемонијата на 20 јануари.
„Ми рекоа дека тој посочил дека нема да се појави на инаугурацијата. Една од ретките работи за кои јас и тој некогаш сме се согласиле. Добра работа е тој да не се појави“,
изјави Бајден.
Тој Трамп го нарече срам за нивната земја и за целиот свет, но за потпретседателот Пенс кажа дека е добредојден на инаугурацијата.