Гостивар, Кичево и Струга заедно имаат 50 000 жители помалку отколку во 2002 година, покажува споредбата која „360 степени“ ја направи со резултатите од пред две децении. Тоа се и трите општини во земјава кои изгубиле најмногу население во апсолутен број на жители
Помеѓу помалите општини има екстремни примери каде населението е речиси преполовено за две децении. Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село изгубиле 40% или повеќе жители од бројот на население од пред две децении
Единствени општини што бележат раст на бројот на население се скопските и неколку што гравитираат околу Скопје
По две децении земјава, конечно, направи попис чии резултати се објавени во јавноста. Како што и се очекуваше, за дел од политичките фактори и граѓаните тој е релевантен, за дел – не. Тие контрадикции во најголем дел произлегуваат од (не)изјаснувањето за етничката припадност, односно значителниот број граѓани кои или не им отвориле врата на попишувачите или не биле опфатени со пописот од други причини (Апостол Симовски наведува дека било време на продолжени одмори, на работа нива, страв од ковид-19…). И тие граѓани, сепак, беа попишани со употреба на повеќе бази на податоци (од 12 институции), но за нив останаа празни графите за етничка, верска припадност и јазик, бидејќи тие определби на една личност не се впишани во ниту една база на податоци.
Овие граѓани, практично, се трета по бројност „етничка група“ во државата, по Македонците и Албанците. Од резидентното население, Македонците се 58,44 проценти, Албанците 24,3, а групата за која податоците се преземени од базите и не се прашани за етничката припадност се 7,2 отсто.
Додека едни ги негираат резултатите на пописот, а други калкулираат дека најголем дел од тие 7,2% се Македонци, „360 степени“ направи анализа на еден друг податок кој засега никој не го доведува во прашање – вкупното население во земјава или т.н. резидентно население. Бројките од овој дел од пописот (без дијаспората) се споредливи со минатиот попис од 2002 година, бидејќи со него се попиша само населението во земјата (односно најмногу до 12 месеци во странство).
Уште пред објавувањето на вкупните резултати беше јасно дека земјава има далеку помалку луѓе отколку пред две децении, но сега знаеме и колку. Ако во 2002 г. сме биле 2 022 547 жители, сега сме 1 836 713. Или 185 834 жители помалку. Или околу 10% помалку за 20 години. Прашањето кое ние им го „поставивме“ на бројките е – каде недостига најмногу население?
Од Гостивар, Кичево и Струга се иселил еден Штип
Првата споредба што ја направивме е според параметарот – разлика во број на жители по општини според податоците од пописот од 2002 година и од 2021 година.
Во графиконот подолу се прикажани неславните Топ 10 општини според намалувањето на бројот на жители. Во Гостивар, за две децении, има 21 272 помалку граѓани, во Кичево 17 065, во Струга 12 396, а во Битола 10 221.

Токму овие општини најдобро покажуваат и дека иселувањето не е феномен само за некои етнички заедници. На пример, во Гостивар, етничката група која бележи најголемо намалување се Албанците. Во 2002 година биле попишани 54 038 граѓани од оваа етничка заедница, а сега 33 076, речиси 40% помалку.

Во Битола, пак, која е доминантно македонска средина, најмногу се намалува бројот на Македонците, а бројот на останатите етнички групи е релативно стабилен. Дури и сите што се попишани со административна проверка да се Македонци по етничка припадност (што е малку веројатно), општината загубила најмалку 10 000 Македонци или најмалку 12% од популацијата на таа етничка група во градот.

Набројувањето (во текстуална форма) не го продолжуваме, бидејќи од вкупно 80 општини во државата во дури 66 населението се намалило. Па, ако сакате да проверите дали населението се намалило и во вашата општина и за колку, побарајте во табелата подолу. Тие што се од Скопје, ако не се од Центар, Гази Баба или од Чаир, нема да ја најдат својата општина во оваа табела. За нив малку подоцна.
ОПШТИНА | НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈ НА НАСЕЛЕНИЕ (2021-2002) |
ГОСТИВАР | -21272 |
КИЧЕВО | -17065 |
СТРУГА | -12396 |
БИТОЛА | -10221 |
ПРИЛЕП | -7743 |
КУМАНОВО | -7380 |
ВЕЛЕС | -6645 |
КОЧАНИ | -6490 |
БОГОВИЊЕ | -6091 |
ВРАПЧИШТЕ | -5557 |
ВИНИЦА | -5463 |
ЖЕЛИНО | -5402 |
ТЕАРЦЕ | -4760 |
ЛИПКОВО | -4750 |
СТРУМИЦА | -4681 |
НОВО СЕЛО | -4595 |
ОХРИД | -4321 |
ДЕБАР | -4130 |
РАДОВИШ | -4122 |
ДЕЛЧЕВО | -3920 |
МАВРОВО И РОСТУША | -3576 |
СВЕТИ НИКОЛЕ | -3177 |
БЕРОВО | -3051 |
КАВАДАРЦИ | -3008 |
ГАЗИ БАБА | -2991 |
ШТИП | -2930 |
КРАТОВО | -2896 |
ЦЕНТАР ЖУПА | -2799 |
ПРОБИШТИП | -2776 |
КРИВА ПАЛАНКА | -2761 |
БОСИЛОВО | -2752 |
РЕСЕН | -2452 |
ДЕМИР ХИСАР | -2237 |
БРВЕНИЦА | -2210 |
ЧАИР | -2187 |
ЧЕШИНОВО | -2019 |
ЈЕГУНОВЦЕ | -1895 |
ТЕТОВО | -1810 |
ДЕБАРЦА | -1788 |
МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА | -1671 |
ВАСИЛЕВО | -1570 |
ПЕХЧЕВО | -1534 |
ЦЕНТАР | -1519 |
МОГИЛА | -1427 |
ГЕВГЕЛИЈА | -1406 |
ВАЛАНДОВО | -1382 |
БОГДАНЦИ | -1368 |
СТАРО НАГОРИЧАНЕ | -1339 |
КРУШЕВО | -1299 |
МАКЕДОНСКИ БРОД | -1252 |
ЗРНОВЦИ | -1178 |
НЕГОТИНО | -1018 |
КРИВОГАШТАНИ | -983 |
НОВАЦИ | -901 |
КОНЧЕ | -811 |
ДЕМИР КАПИЈА | -768 |
ЗЕЛЕНИКОВО | -716 |
РАНКОВЦЕ | -679 |
ЛОЗОВО | -594 |
КАРБИНЦИ | -592 |
ГРАДСКО | -527 |
ДОЛНЕНИ | -442 |
РОСОМАН | -345 |
ДОЈРАН | -342 |
ПЛАСНИЦА | -323 |
ВЕВЧАНИ | -74 |
Но, загубата на население во апсолутна бројка не е иста со загубата на население како процент од оние што живееле во одредена општина до пред 20 години. Оваа статистика можеби и подобро ја покажува сериозноста на проблемот со намалување на населението во одредено место. На врвот на оваа листа е Центар Жупа (-42,94%) – општина која загубила речиси половина од своето население за само 20 години. Ако трендот продолжи, за 20-30 години таму може да не остане никој. Потоа следат Маврово и Ростуша (-41,49%), Ново Село (-39,73%), Зрновци (-36,09%), Дебарца (-32,74%), Кичево (-30,08%) …

Целата листа на општини, според процент на загубено население споредено со 2002 година, можете да ја погледнете подолу.
ОПШТИНА | НАМАЛУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕ ВО % (2021-2002) |
ЦЕНТАР ЖУПА | -42.94% |
МАВРОВО И РОСТУША | -41.49% |
НОВО СЕЛО | -39.73% |
ЗРНОВЦИ | -36.09% |
ДЕБАРЦА | -32.47% |
КИЧЕВО | -30.08% |
ПЕХЧЕВО | -27.80% |
КРАТОВО | -27.74% |
СТАРО НАГОРИЧАНЕ | -27.67% |
ВИНИЦА | -27.40% |
ЧЕШИНОВО | -26.96% |
ГОСТИВАР | -26.25% |
НОВАЦИ | -25.39% |
ДЕМИР ХИСАР | -23.55% |
КОНЧЕ | -22.94% |
ДЕЛЧЕВО | -22.39% |
ЖЕЛИНО | -22.15% |
БЕРОВО | -21.89% |
ВРАПЧИШТЕ | -21.88% |
МОГИЛА | -21.27% |
ТЕАРЦЕ | -21.20% |
ДЕБАР | -21.13% |
БОГОВИЊЕ | -21.01% |
ЛОЗОВО | -20.78% |
МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА | -20.60% |
СТРУГА | -19.56% |
БОСИЛОВО | -19.30% |
ЈЕГУНОВЦЕ | -17.56% |
ЗЕЛЕНИКОВО | -17.56% |
ЛИПКОВО | -17.55% |
МАКЕДОНСКИ БРОД | -17.53% |
СВЕТИ НИКОЛЕ | -17.18% |
ПРОБИШТИП | -17.14% |
КОЧАНИ | -17.04% |
ДЕМИР КАПИЈА | -16.90% |
РАНКОВЦЕ | -16.39% |
КРИВОГАШТАНИ | -15.98% |
БОГДАНЦИ | -15.71% |
КАРБИНЦИ | -14.76% |
РАДОВИШ | -14.59% |
РЕСЕН | -14.57% |
ГРАДСКО | -14.02% |
БРВЕНИЦА | -13.94% |
КРУШЕВО | -13.41% |
КРИВА ПАЛАНКА | -13.26% |
ВАСИЛЕВО | -12.95% |
ВЕЛЕС | -12.06% |
ВАЛАНДОВО | -11.62% |
БИТОЛА | -10.72% |
ПРИЛЕП | -10.09% |
ДОЈРАН | -9.98% |
СТРУМИЦА | -8.56% |
РОСОМАН | -8.33% |
КАВАДАРЦИ | -7.76% |
ОХРИД | -7.75% |
ПЛАСНИЦА | -7.11% |
КУМАНОВО | -7.00% |
ШТИП | -6.13% |
ГЕВГЕЛИЈА | -6.12% |
НЕГОТИНО | -5.30% |
ГАЗИ БАБА | -4.12% |
ЧАИР | -3.38% |
ЦЕНТАР | -3.34% |
ДОЛНЕНИ | -3.26% |
ВЕВЧАНИ | -3.04% |
ТЕТОВО | -2.09% |
Ајде сите во Скопје
На претходните листи не се споменати 14 општини, затоа што само во нив има зголемување на населението. Сите овие општини се во Скопје или негова близина.
Според процентот на зголемување на населението, предводник во државата е Студеничани, каде населението се зголемило за 27,39%. Следуваат Сопиште (+18,69%), па Шуто Оризари (+16,85%), Петровец (+10,84%), Илинден (+9,7%), Арачиново (+9,3%), Сарај (8,45%), Чучер-Сандево (8,32%) и неколку скопски урбани општини.

Ако за репер се земе апсолутниот број на жители, тогаш сликата е нешто поинаква. Најмногу нови жители во последниве две децении добил скопски Аеродром (+5 726), па Кисела Вода (+4 729), а на трето место е Студеничани (+4 724). Останатите може да ги погледнете во графиконот подолу.

Податоците од пописот допрва ќе бидат предмет на толкување, но се чини неспорно е дека иселување има од цела држава – или во странство или во Скопје и околината. И ова важи за сите етнички групи.