Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Александар Николоски, свесно доцнеше на предвидената агенда, за потоа да ја напуштат манифестацијата, тврдат од СДСМ по вчерашното одбележување на националниот празник Илинден во Крушево.
„И оваа, како и години претходно ВМРО-ДПМНЕ на најголемиот државен празник, продолжи со недостоинствено, неодговорно и антидржавно однесување. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Александар Николоски, свесно доцнеше на предвидената агенда, за потоа да ја напуштат манифестацијата пред интонирањето на државната химна. Тоа е нечесно, неодговорно и срамно однесување. ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин Камен свесно го сквернавеше Денот на републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневно партиски цели. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ погази по идеалите на Крушевскиот манифест, ги погази жртвите од Илинденското востание, дадени за слободна држава“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Вчера, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ го напушти Мечкин Камен и обвини дека СДСМ го партизирала одбележувањето на Илинден
„Ние сме тука, но, за жал, СДСМ не успеа да се надмине себе, донесоа тука исклучиво партиски активисти. Ги носат со автобуси и на сите кои што не се членови на СДСМ вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. Всушност, и на одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука, не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот. Дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој доаѓа со чесна мисла, а не под политичка наредба“,
изјави вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: (Фото) Прослава на Илинден на Мечкин Камен