Една загриженост е дека само малцинството луѓе кои ќе бидат вакцинирани ќе може да уживаат во патувањата во странство, додека другите ќе треба да ги „трпат“ ограничувањата, што многумина го сметаат за дискриминаторско. Сепак, судејќи според изјавите кои доаѓаат по состанокот, извесно е дека би можеле да се воведат сертификати
На онлајн-состанок на ЕУ, Грција и Австрија ги повикаа останатите земји-членки на Унијата во пресрет на летото да усвојат заеднички ковид-сертификат за вакцинацираните со кој ќе може да заживее погодената туристичка индустрија.
Вакви сертификати, Грција веќе има со Израел. Меѓутоа, пишува „Би-би-си“, во ЕУ има земји, како што се Франција и Германија, кои се претпазливи поради нецелосна база на податоци за трендовите со инфицирање со вирусот.
Постои уште една загриженост, а тоа е дека само малцинството луѓе кои ќе бидат вакцинирани ќе може да уживаат во патувањата во странство, додека другите ќе треба да ги „трпат“ ограничувањата, што многумина го сметаат за дискриминаторско.
Уште една пречка на патот на воведување ковид-сертификати за вакцинираните, е опасноста од понатамошно усложнување на состојбата со ковид поради брзото ширење на новите мутации на коронавирусот – британската, јужноафриканската и бразилската.
Сепак, судејќи според изјавите кои доаѓаат по состанокот, извесно е дека лидерите на ЕУ се блиску до договор.
„Сите се согласија дека ни треба дигитален сертификат за вакцинација“,
рече Меркел на прес-конференција по Самитот на ЕУ, пренесува „Ројтерс“.
Германската канцеларка додаде и дека на Европската комисија ќе ѝ требаат околу три месеци за да развие техничка основа за вакви документи.
Во однос на дилемите, за „Би-би-си“ зборувал и грчкиот премиер Акис Скертос, според кого сертификатот воопшто не е дискриминациски. Тој тврди дека и невакцинираните ќе може да патуваат во Грција, но само ќе треба да ги почитуваат протоколите кои налагаат прво да бидат тестирани, а можеби и да одат во изолација. Додека во ЕУ се води дебата, грчките власти очекуваат дека покрај со Израел, би можеле да склучат ваков договор и со Велика Британија, меѓутоа од британската влада сè уште нема зелено светло за воведување сертификати.
Покрај за сертификатите, лидерите на ЕУ дискутирале и за забрзување на вакцинацијата. Изминатиот период, Европската комисија беше мета на критики поради стратегијата за набавка на вакцини што го успори процесот на имунизација. Меѓутоа, таа сè уште останува на зацртаната цел до средината на септември да се вакцинира најмалку 70% од возрасното население во ЕУ. Досега, овој процес е под 5 отсто.
