Ефективен пример за соработка од областа на безбедноста меѓу земјите од регионот е реализирањето на Балканските медицински сили
Регионалната соработка во сферата на безбедноста е од клучно значење за развојот и стабилноста на земјите, ова особено е важно за земјите од Западен Балкан. Кај нас може да се учи од примерите на нордиските земји и како тие соработуваат по ова прашање, иако дел од нив не се членки на НАТО.
За засилена соработка на ова поле, треба поголем простор да им се остави на професионалците од областа на безбедноста, иако политиката и политичката волја имаат влијание за овие прашања.
Ова се дискутираше на денешната дебата на тема „Одбранбена соработка надвор од границите на Алијансата: Што може Балканот да научи од нордиските земји?“ во рамките на 10. издание на Белградскиот безбедносен форум.

Раководителот на истражувачката група за безбедност и одбрана при Норвешкиот институт за меѓународни работи (НУПИ), д-р Карстен Фрис, рече дека во нордиските земји, иако меѓусебе соработуваат преку различни форми, тие како и земјите од Балканот се фокусирани на соработка со големите сили на Европа.
„Нордиските држави се вклучуваат во иницијативи првенствено да градат силни билатерални односи со поголемите сили на Европа, а се чини дека нордиската соработка доаѓа како втор приоритет. Како и да е, една од придобивките преку учеството во нови платформи за соработка е зголеменото ниво на интероперабилност и подобрувањето на навиките за соработка“,
рече Фрис.
Тој, како добар пример на соработка меѓу нордиски земји, го издвои соработувањето на воздухопловните сили и нивните заеднички вежби. Фрис смета дека со меѓусебната соработка во соседните земји се прави и стратегија на заштедување финансии со една заедничка цел, а тоа е безбедноста на државите.

Со оглед на тоа дека нордиските земји (Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Исланд) се разликуваат и по членството во ЕУ, членството во НАТО, сите имаат усвоено прилично слични позиции за новите европски безбедносни формати.
„Од различни позиции, но со минимално различни аргументи, сите овие држави се обидуваат да ги искористат придобивките од новите структури на ЕУ и се приклучуваат кон различни мини-групи околу големите играчи како Франција, Германија и Велика Британија“,
рече Фрис.
Босанскиот универзитетски професор по безбедност и мир, Кенан Даутовиќ, рече земјите од Балканот можеби имаат различни перцепции како треба регионот да изгледа, со оглед на тоа дека дел од државите се членки на НАТО, дел се надеваат дека ќе се приклучат кон Алијансата, а Србија останува воено неутрална.

„Во однос на меѓусебна соработка за зголемување на безбедноста, балканските земји треба да го следат примерот на Балканските медицински сили. Тоа е позитивен пример и ефикасна соработка која, иако доцна се реализираше, можеме да кажеме дека добро функционира“,
рече Даутовиќ.
Тој додаде дека, за каква било соработка меѓу соседните земји е потребна политичка волја, па дури и за прашања од безбедносен карактер.
Даутовиќ вели дека со формирањето на Балканските медицински сили, по иницијатива на С Македонија и Србија, а по идеја на Норвешка и САД, му овозможува на регионот подобрување на воено-медицинските капацитети, кои треба да дадат брз одговор на широк спектар на ситуации, пред сѐ, предизвикани од природни катастрофи. Во оваа регионална иницијатива се вклучени и Албанија, БиХ, Словенија, Србија и Црна Гора.