Британскиот премиер Борис Џонсон е клинички стабилен на одделот за интензивна нега и реагира на третманот против компликациите од ковид-19, објавија денеска британските медиуми.
„Премиерот е клинички стабилен и реагира на медицинскиот третман. Тој е во добро расположение“,
изјави неговиот портпарол Едвард Аргар.
Џонсон, кој пред две недели беше дијагностициран со коронавирус, во неделата беше примен во болницата „Сент Томас“ во Лондон, а во понеделникот беше префрлен на одделот за интензивна нега бидејќи состојбата нагло му се влошила.
Џонсон (55) вчера примал кислород, но не бил приклучен на респиратор.
Привремениот заменик, шефот на британската дипломатија, Доминик Раб, вчера изјави дека премиерот е „борец“ и дека набрзо повторно ќе биде на кормилото на владата, во време кога нивната земја и светот се соочуваат со една од најголемите здравствени кризи во векот.
Даунинг стрит соопшти дека Џонсон не работи, но, доколку е потребно, може да комуницира со функционерите.