Овие уреди ќе бидат офлајн, нема да работат на интернет, така што нема да може да бидат напаѓани. И серверот со кој ќе се полнат и празнат ќе биде офлајн, нема да биде вклучен на интернет, бидејќи податоците се кај нас, ќе се преземат на тој сервер и ќе бидат криптирани, вели Даштевски
Уредите за отпечаток на прст се користат во 50 држави, пред се од третиот свет. Земјава е дел од НАТО, се стреми кон ЕУ и не може да си дозволи експерименти, како гласање за неколку секунди, како на претходни избори, вели претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, во интервју за Радио Слободна Европа.
„Во светот има 50 држави каде што се користат вакви машини, меѓутоа секако тоа се држави каде што треба да има. Имавме најсвеж пример од референдумот каде утврдените резултати ни укажуваат дека имало гласање за 7, за 9 секунди итн., значи сите тие недостатоци ќе се отстранат и сметам дека ќе имаме подобар фидбек, подобар осврт на работите како навистина стојат. Тоа би требало да биде така бидејќи ние нели се стремиме кон НАТО и ЕУ, не треба да си дозволиме такви експерименти да правиме, да гласаме за неколку секунди. Од друга страна тоа влева поголема сигурност на изборите доколку реално се почитуваат тие гласања, а ако не се почитуваат вметнато е во законот дека на тие места каде што не се почитува законот гласањето може да се поништи“,
вели Даштевски.
За тоа какви мерки се преземени за заштита на личните податоци коишто ДИК ги добива од МВР за употреба на овие апарати за проверка на отпечаток, по искуството со хакерскиот напад на минатите избори, Даштевски посочува дека за овие податоци се преземени специјални мерки.
„Преземавме многу мерки за заштита на податоците на граѓаните, што е строго доверливо. Податоците што ни ги дава МВР се криптирани и никој не може да ги декриптира, тие ќе се декриптираат на денот на полнење, ќе се наполнат во терминалите, во тие апарати и ќе бидат заштитени таму, ќе бидат криптирани дополнително и таа услуга ја купуваме дополнително и таа е најскапа услуга бидејќи најскапо чини криптирањето. Затоа и се случуваат хакерски напади на секаде, ако нема доволно средства за купување на таква заштита, криптирање, тогаш ќе ги пробијат. Што се однесува до овие апарати, тие ќе бидат офлајн, нема да работат на интернет, така што нема да може да бидат напаѓани. И серверот со кој ќе се полнат и празнат ќе биде офлајн, нема да биде вклучен на интернет, бидејќи податоците се кај нас, ќе се преземат на тој сервер и ќе бидат криптирани“,
вели Даштевски и додава дека за безбедноста на податоците ќе се грижи цел тим од ИТ инженери, а посебен тим ќе се грижи само за апаратите за отпечатоци на прсти.