Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев смета дека судиите донеле правилна одлука со тоа што дозволиле поранешниот директор на Царина да добие повторно судење со објаснување дека за пресудата дознал во последната година, при што ја нагласува Европската конвенција која вели дека известувањето за пресудата што некое лице ќе го добие во екстрадициски притвор нема да се смета за формална нотификација

Случајот со поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски доби ново бројче во Основниот кривичен суд Скопје и е оформен нов предмет. Тој се падна кај судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ која се запознава со предметот и наскоро треба да одреди датум за прво рочиште.
Датумот што ќе го определи Илиевска-Јосифовиќ, најверојатно, ќе биде и единствениот кога Даравелски ќе седне на обвинителна клупа бидејќи се очекува да се констатира апсолутна застареност на делото за кое се гонеше – злоупотреба на службената положба и овластувања, а за кое со пресуда од 2008 г. е правосилно осуден на затворска казна од седум години.
Ваквиот расплет на настаните се очекува откако на 10 јануари 2023 година, по околу две децении поминати во бегство во Србија, Даравелски сам се појави на граничниот премин „Табановце“ каде што полицијата го уапси и го пренесе во „Идризово“. Веќе наредниот ден, преку својот адвокат, тој поднесе барање за ново судење бидејќи претходното било во неговото отсуство.
По 35 дена поминати во затворската ќелија, тој го доби одговорот што го очекуваше: Ќе има ново судење.
Дека треба да добие ново судење се согласија судии и од Основниот кривичен суд Скопје и од Апелација, а позитивно мислење имало и Вишото јавно обвинителство Скопје наспроти противењето на хиерархиски подреденото Основно јавно обвинителство Скопје.
Претседателот на Кривичен, судијата Иван Џолев, смета дека неговите колеги донеле правилна одлука нагласувајќи дека биле земени предвид ставот 1 од членот 456 од Законот за кривична постапка (ЗКП) и ставот 2 од член 3 од Вториот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција.
Одредбата од ЗКП значи дека осуденик може да побара ново судење ако од моментот кога дознал за пресудата до моментот кога го поднеле барањето (во случајот 11 јануари 2023 г.) не поминало повеќе од една година. Со други зборови, тоа би значело дека ексдиректорот на Царина дознал за пресудата во периодот од јануари 2022 до јануари 2023.
Околу дилемата како судиите поверувале дека Даравелски дознал за пресудата во последната година ако се има предвид дека во Србија беше во екстрадициски притвор врз основа на потерница распишана од македонска страна, првиот човек на Кривичен се повикува на Европската конвенција за екстрадиција односно во нејзините одредби во членот три дека известувањето за пресудата кое лице ќе го добие во екстрадициски притвор нема да се смета за формална нотификација.
На констатација дека освен што бил во екстрадициски притвор, Даравелски барал и помилување од поранешниот претседател Бранко Црвенковски во 2009 г., Џолев повторно се повикува на Европската конвенција и додава дека барање можел да поднесе и некој друг, роднина, адвокат итн.
На брифинг со новинарите, претседателот на Кривичен потсети и дека државата во 2015 година ѝ дала гаранции на Србија дека доколку го испорача, Даравелски ќе добие ново судење. Според него, без разлика што поранешниот директор на Царина сам се предаде на „Табановце“, сепак, за него има активна постапка за екстрадиција.
Решението на кривичниот совет во Основниот кривичен суд не е објавено јавно, но во јавноста веќе излезе дел од она што го одлучила Апелација од каде ја потврдија одлуката на првостепениот суд. ТВ Телма изминатиот викенд цитираше дел од одлуката на Апелација која беше донесена откако ОЈО Скопје се жалеше на решението на кривичниот совет во Кривичен.
„Советот правилно утврдил дека осудениот за пресудата со која е осуден во отсуство дознал на 10.1.2023 година, кога бил спроведен во КПУ – КПД Идризово Скопје за издржување на изречена казна затвор во траење од 7 години. Не постојат околности кои укажуваат дека претходно дознал за пресудата, како релевантна се смета изјавата на самиот осуден по однос на денот на дознавање за пресудата“,
цитираше телевизијата дел од одлуката на Апелација.
Тричлениот совет од второстепениот суд кој одлучувал за Даревелски, бил во состав: Тања Милева, Ѓоко Ристов и Лирије Ајрулау. Кривичниот совет во првостепениот суд кој одлучи дека Даравелски треба да добие ново судење, пак, според информации на „360 степени“ бил во состав: Даниела Алексовска-Стојановска, Марија Клетничка-Марковска и Славица Наумова-Јосифовска.
Дали евентуално има основи за покренување постапка за утврдување одговорност кај судии, од Судскиот совет велат дека ги следат состојбите, но внимаваат да не се мешаат во судската независност.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија ги следи состојбите и постапува во рамките на своите законски надлежности, а притоа особено внимава на своите овластувања со цел да не се наруши судската независност во постапувањето и одлучувањето како на првостепените, така и на второстепените судови“,
велат од Судскиот совет за „360 степени“.
Дека застарувањето на делото на Даравелски е веќе завршена работа, согласен е и шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, кој најави дека обвинителството ќе се обиде барем да добие конфискација на имот бидејќи, според него, тоа не е поврзано со застарување на делото.
„Судот донесе своја одлука во која сметаше дека рокот не е поминат, односно дознавањето за пресудата го сметаше во рокот од една година од кога дознал. Поднесовме жалба, но Апелацискиот суд ја потврди одлуката на Кривичниот суд. Со тоа мислам дека застареноста за кривично гонење со повторување на постапката за овој обвинет е веќе завршена работа. Но, можеби, и веројатно овде ќе има простор да се оди директно на конфискација на имотот и на имотната корист затоа што таа не зависи од застарувањето и ќе видиме со надлежниот обвинител од кога би се констатирала таа застареност да се почне постапката за конфискација на имот и имотна корист којашто е независна од ова“,
рече Бубевски во интервју за Радио Слободна Европа објавено изминатиот викенд.
Делото злоупотреба на службената положба и овластувања за кое се гони Даравелски, според обвинението, е направено во периодот од 1999 до 2002 година. Со оглед што максималната затворска казна е десет години, апсолутна застареност настапува кога ќе измине два пати повеќе време односно 20 години – услов што во случајот е исполнет со крајот на 2022 година. Даравелски се појави на Табановце на 10 јануари годинава.