Данските здравствени власти соопштија дека размислуваат за укинување на програмата за антиковид вакцинација оваа пролет, поради тоа што третиот бран на инфекцијата со коронавирусот слабее поради имунитетот на поголемиот дел од населението во Данска. Но, оттаму додадоа и оти се подготвени да ја променат одлуката доколку спротивно на очекувањата, дојде до четврти бран или нови загрижувачки соеви
Данските здравствени власти соопштија оти размислуваат од оваа пролет да ја прекинат програмата за вакцинација против коронавирусот и дека не гледаат причина децата да се вакцинираат со „засилувачка“ доза, ниту пак ризичните групи со четврта доза, пренесува Асошиејтед прес.
Здравствените власти соопштија дека третиот бран на инфекцијата со коронавирусот слабее поради имунитетот на поголемиот дел од населението и додадоа дека високата стапка на вакцинација, особено со трета доза, значи дека Данска може да се справи со зголемените инфекции без сериозни симптоми.
Минатиот месец, данската Влада им понуди на постарите лица и другите ризични групи аплицирање на четврта доза од антиковид-вакцината поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот. Во ноември минатата година, пак, програмата за вакцинација во Данска беше проширена и опфаќаше и вакцинација на деца од пет до 11 години.
Властите, меѓутоа, денеска изјавија оти сега планираат да ја прекинат досегашната програма за вакцинација за сите групи, вклучувајќи ги и децата на таа возраст, соопштувајќи дека размислуваат „подоцна, во текот на пролетта да се заврши целата програма за вакцинација “.
„Се разбира, внимателно ќе го следиме развојот на епидемијата и подготвени сме да ја промениме одлуката доколку, спротивно на очекувањата, дојде до четврти бран или нови загрижувачки соеви“,
наведуваат здравствените власти во Данска.
Според официјалните бројки, повеќе од 80 отсто од населението во Данска примило две дози, а повеќе од 61,3 отсто од населението е вакцинирано со три дози од антиковид вакцината.
Данските власти во текот на овој месец ги укинаа повеќето ограничувања воведени поради пандемијата, наведувајќи дека ковид-19 веќе не се смета за „претерано опасна болест за општеството“.