Законските измени оваа недела се во собраниска процедура. Интенцијата е во што пократок рок да бидат усвоени законските измени што предвидуваат измени во два закона, оној за лекови и за здравствено осигурување, со што пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, вели советникот за здравство на премиерот

Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, изјави денеска проф. д-р Ана Данева-Маркова, советник за здравство на премиерот, во одговор на новинарско прашање дали очекува дека брзо ќе бидат усвоени тие измени и дека сите пациенти што имаат цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта”.
„Минатата недела лично од премиерот чувте на прес-конференција дека лично тој предложи, во соработка со поголем број експерти, законски измени што оваа недела се во собраниска процедура, поточно на 16 март. Се надевам и интенцијата е во што пократок рок да бидат усвоени законските измени што предвидуваат измени во два закона. Законот за лекови и Законот за здравствено осигурување. Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови,
изјави Данева Маркова, која е и дел од тимот што работеше на законските измени што веќе се во собраниска процедура.
Данева-Маркова потенцира дека измените не ги опфаќаат само пациентите со цистична фиброза, туку и сите групи пациенти за кои се набавува терапија на овој начин.
Минатата недела министерот за здравство Фатмир Меџити соопшти дека лекот „трикафта“ за лицата со цистична фиброза е пристигнат на Универзитетската клиника за детски болести.
Директорката на Клиниката за детски болести Стојка Фуштиќ рече дека лекот е пристигнат и веќе се примаат пациенти кои треба да започнат со терапија. Според неа, на оваа клиника има шест пациенти, а два ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Од осумте пациенти, два се во критична состојба и тие ќе бидат третирани на Клиниката за пулмологија. Фуштиќ додаде дека ефектот од терапијата тука е неизвесен, но секако ќе пробаат да се подобри белодробната состојба кај овие пациенти.