Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петрововска, покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство, за што указот го потпишал бугарскиот вицепретседател
Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, има бугарско државјанство, според документ што го објави денеска СДСМ на прес-конференција.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петрововска, покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство, за што указот го потпишал бугарскиот вицепретседател.

„Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побаравте бугарско државјанство, за чии интереси одработувате – за унгарските, за бугарските или за оние на Груевски“,
рече Петровска, на прес-конференцијата.
Таа нагласи дека не може Арсовска да се грижи за интересите на скопјани кога има бугарско државјанство и е почесен конзул на Унгарија.
„Ова е класично потценување и навреда на скопјани. Зарем мислите дека скопјани ќе дозволат некој кој е инсталација на Груевски во Будимпешта, некој кој е граѓанин на друга држава, да го руши градот. Странски инсталации кои работат директно против интересите на граѓаните нема да поминат. Арсовска, уште колку тајни криете од скопјани“,
рече Петровска, која повика на обединување и масовност на изборите на 31 октомври, за, како што рече, да не дозволиме туѓи интереси да ни одработуваат среде главниот град.