„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати, тој, како и политичари од сегашната власт, се обраќаa со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или, пак, членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени“, рече Дамева во своето обраќање пред јавноста
Таа рече оти останува да биде член на Советот доколку, како што додаде, и тоа не ѝ биде скратено предвреме
Претседателката Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. Дамева одлуката ја соопшти во јавно обраќање преку медиумите во кое ги наведе причините за нејзиното повлекување, притоа наведувајќи дека во изминатиот период, а особено во последните месеци, од страна на одредени политичари, од собраниска говорница се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет.

Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Сметам дека единствено нешто што ми останува е да го зачувам мојот личен интегритет и мирот и спокојството и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати, тој, како и политичари од сегашната власт, се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно. А Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Дури во телевизиско гостување истакна дека на нашето место, на местото на постојните членови на Советите треба да дојдат нивни луѓе. Претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владејачката политичка партија“,
рече Дамева.
Ова, како што нагласи таа, во една демократска држава е многу сериозно, дури и поразително.
Во однос на пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, таа рече дека тој отишол дотаму што во телевизиско интервју упатил сериозни закани за кривична одговорност во врска со неговите обвинувања дека Дамева се обидува незаконски да си го продолжи мандатот на чело на Судскиот совет за уште неколку месеци.
„Не ми е познато дали овој пратеник е правник, небитно ми е навистина, но сметам дека секој политичар треба да внимава на зборовите, да не внесува несигурност кај граѓаните и да не се обидува да ги доведува во заблуда. Особено не смеат да се упатуваат закани кон носители на функција во Судската власт. Тоа е крајно недозволиво бидејќи тој не е независен пратеник, туку пратеник од политичката партија која е на власт и неговите закани би можеле да се толкуваат како закани токму од политичката партија којашто тој ја претставува“,
кажа Дамева.
Она што ѝ паднало најтешко и што било клучно за нејзината одлука да се повлече од функцијата претседател на Судскиот совет биле нарачаните текстови што се споделуваа по одредени портали, а со кои било засегнато нејзиното семејство.
„Тука беше јасна намерата. Се бараше начин да бидам оцрнета, прикажана како влијаам во судски постапки во кои оштетена е компанија со која управува мојот сопруг. И тоа го игнорирав бидејќи секој судија и секој обвинител ако го прашате ќе ви каже дека никогаш и на ниту еден начин ниту сум влијаела ниту, пак, сум се довела во таква ситуација. Во спротивно, доколку сум влијаела на судии и јавни обвинители, тие биле должни веднаш да го пријават тоа кај органите на прогонот. Кога совеста тие чиста, ништо не може да ти го наруши сонот, и тоа не ме погоди, верувајте. Како носител на највисоката функција во судската власт, со самото отпочнување на извршување на функцијата, бев подготвена дека ќе бидам изложена на критики некои помалку вистинити, некои сосема невистинити. Но она што длабоко ме погоди е што поради нечии лични интереси мојот сопруг и моето семејство беа соочени со лагите, конструкциите и манипулациите на таквите луѓе. Луѓе-нелуѓе“,
рече Дамева.

Несовесни манипулатори, додаде таа, се обидувале на разни начини да сторат сè само да нема правда, заборавајќи притоа дека правдата се докажува во судница, врз основа на докази, согласно закон, а не преку портали.
„Но, очигледно, поради недостиг на докази, сметале дека тоа им е единствениот начин. Неспорно е дека моето семејство во период од една-две години наназад е изложено на притисок поради моето извршување на функцијата. Моето семејство го изгуби моето присуство и тоа токму од денот кога станав претседател“,
рече таа.
За нејзиниот интегритет, Дамева рече дека успеала да го докаже и да го зачува и во најтешките моменти.
„Ако од сегашната власт, а тогашна опозиција бев обвинувана за политички избор врз основа на една фотографија со политичар и се плетеа приказни дека сум блиска со одредени политичари, сметам дека докажав дека ниту сум политички избор ниту сум приврзок на некој ниту, пак, некој може да ме контролира и да ми влијае. Се спротивставив на тогашната власт, се спротивставувам и на оваа власт“,
кажа таа.
Токму од овие причини, односно за да се зачува независноста на судството и да се успее во заложбите на Советот, Дамева рече оти останува да биде член на Советот доколку, како што додаде, и тоа не ѝ биде скратено предвреме.
„После сè, особено после оние директни закани од страна на пратеник во Собранието, нема да ме изненади дека тука ќе се запре и убедена сум дека нема да имам мир. Само ќе останам љубопитна да видам на кој начин и преку која институција ќе се спроведе тоа. Тоа ќе го издржам, но не можам да издржам ако се посегне по безбедноста и сигурноста на моето семејство, на мојата ќерка и на мојот сопруг“,
рече Дамева.
Воедно, додаде таа, целосно да се повлече од Судскиот совет не ѝ дозволува почитта која ја има кон судиите и оти смета дека треба да остане и да се бори за унапредување на судиите кои го заслужуваат тоа.
„Со гласно искажан став на седниците да се борам да бидат унапредени оние судии коишто заслужуваат, а не како во минатото кога се избирале од нечии тефтерчиња, а воедно да бидат санкционирани нечесните и несовесните судии преку што ќе заштити интегритетот на чесните и совесните судии и на тој начин ќе почне да се враќа довербата во судството. Нема да се штетам. Заеднички со мнозинството членови на Советот ќе сториме се што е во наша надлежност да на граѓаните им се обезбеди побрза и поефикасна правда“,
кажа таа.
На крајот од нејзиното речиси получасовно обраќање, Дамева упати порака до политичарите велејќи оти е имуна на нивните ставови, закани и на нивните намери.
„Но, доколку се обидете да сторите нешто против член на Судскиот совет, против Судскиот совет или судија истото сторете го законито, врз основа на факти и докази и согласно Уставот. Само така ќе докажете дека немате намера Судскиот совет да го распуштите бидејќи треба да се донесат ваши, подобни, луѓе. Само така ќе докажете дека не ги земате за зло пркосот и одважноста на судиите, само така ќе докажете дека ги почитувате судиите“,
кажа Дамева.

Заради заштита на угледот на Судскиот совет и во насока на законито постапување, таа јавно го повика претседателот на Владата, да ги достави веднаш до надлежното Основно јавно обвинителство доказите, кои од собраниската говорница наведе дека ги има, а се однесуваат на наводно фалсификување на записници во Советот.
Во спротивно, Дамева рече оти смета дека премиерот треба јавно да се извини.
„Секој граѓанин, особено секој носител на јавна функција кој има индиции или располага со докази за евентуално сторено кривично дело е должен веднаш да пријавви кај надлежните органи. На судиите им упатувам порака: ‘Заштитете си ја почитувани судии вашата независност и ставете еден бедем кога некој ќе се обиде да ја наруши истата. Не дозволувајте никому да влијае и да ви го доземе најважното нешто, вашиот интегритет“,
рече Дамева.
По нејзината одлука да си поднесе неотповиклива остава, Судскиот совет за денеска попладне закажа итна седница на која прва точка е констатирање престанок на функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија поради неотповиклива оставка, а втора избор на нов претседател.
Инаку, Дамева за претседател на Судскиот совет беше избрана на 5 декември 2022 година, со мандат од две години, без право на повторен избор. Лани во април таа беше разрешена од функцијата, но по нејзината тужба Управниот суд донесе пресуда со која ваквата одлука беше оценета како незаконска, по што Дамева на почетокот на оваа година се врати на чело на Судскиот совет.
Милошоски минатата недела, во неколку јавни обраќања, ја обвини Дамева дека сака на незаконски начин да остане на претседателското столче уште неколку месеци. По ова следуваше нејзино писмено обраќање во кое таа наведе оти е факт дека имало осуммесечен прекин во нејзиниот мандат поради разрешувањето и оти побарала правно мислење кога тој точно и истекува, дали на 5 декември, односно за три дена или подоцна.