„Многу е лесно да се нападне еден затворски полицаец. Дали вие, господине Пандов, сте се запрашале колку возила на затворски полицајци се запалени само во затворот ‘Идризово‘? Ако неколку затворски полицајци го прекршиле законот, дали значи дека сите се занимаваат со криминал?“, прашува затворската полиција
Дали сте се запрашале низ што се поминува еден затворски полицаец и колку закани трпи од осудени лица и нивни соработници. Ова е денешната писмена реакција на Независниот синдикат на затворската полиција и администрација упатена до директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во врска со нападите упатени кон нив и нивните колеги.
Пандов во телевизиско гостување, објаснувајќи како мобилниот телефон стигнал до Васил Јованов, кој е во притвор откако вечерта на 29 јануари со автомобил удри во 22-годишната девојка Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, рече дека најголемите шверцери на телефони, дрога, недозволиви предмети, се вработени од затворот. Тогаш посочи и дека е суспендиран затворскиот полицаец што го пренел мобилниот телефон од една во друга ќелија за тој да стигне до Васил Јованов.
„Многу е лесно да се нападне еден затворски полицаец. Дали вие, господине Пандов, сте се запрашале колку возила на затворски полицајци се запалени само во затворот ‘Идризово‘? Ако неколку затворски полицајци го прекршиле законот, дали значи дека сите се занимаваат со криминал?“,
пишува во реакцијата на Независниот синдикат.
Оттаму посочија и дека со децении не им е дадена униформа, за која мораат сами да се снаоѓаат, односно сами да си ја купуваат.
„Дали го знаете бројот на колеги што ја напуштија работата поради психичка неиздржливост? Треба да се запрашате кој ќе работи под овие услови. Зошто не кажете колку плата земавме до скоро време?“,
велат од синдикатот на затворската полиција.
Му порачаа на Пандов да ги покани медиумите да видат во каква состојба се возилата што се врши спровод на осудени лица.
„Колку спроводи има во текот на денот, а колку возила има? Најлесно е секогаш да се нападне затворскиот полицаец и тој да биде тема на критики по медиумите и социјалните мрежи“,
стои во соопштението.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, рече дека за сите предмети што стигаат до притворените, „вратите ги отвораат“ затворските полицајци.
„Најголемите шверцери, така да ги наречам, на телефони, дрога, недозволиви предмети, се вработени од затворот. За тоа мене никој не може да ме разувери дека е така“,
рече тој.
Откако е тој на директорската функција во Управата за извршување санкции, има 100 дисциплински постапки што се водат против затворски полицајци.
„Има постапки во обвинителството, 32 обвиненија и постапки се водат против затворски полицајци. Откога сме ние како ново раководство, јас како директор на Управата за извршување санкции и директорите по останатите затвори, 100 дисциплински претставки има против затворски полицајци. Дел од овие се суспендирани, не се веќе на работа“,
кажа Пандов.
Во постапките што се водат во Обвинителството, Пандов рече дека има вработени од секаков калибар, односно заповедници, командири.